Ждрепка за Европското првенство за ракометарки
Франција, Холандија и Романија ќе им бидат противнички на македонските ракометарки на Европското првенство од 4-ти до 20-ти ноември. Во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, ќе гостуваат две исклучително силни репрезентации, како и една со славна историја и со желба како нашата, а тоа е повторно да остава силен впечаток во континенталниот ракомет...

Франција, Холандија и Романија ќе им бидат противнички на македонските ракометарки на Европското првенство од 4-ти до 20-ти ноември. Во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, ќе гостуваат две исклучително силни репрезентации, како и една со славна историја и со желба како нашата, а тоа е повторно да остава силен впечаток во континенталниот ракомет.
На ждрепката во Љубљана нашите девојки беа во третиот квалитативен сад, а од првиот ги добија светските и европските вицепрвенки – Французинките. Од вториот во групата „Це“ влезе Холандија, која беше светски шампион во 2019-та, а претходно освои два европски медала – сребрен пред шест и бронзен пред четири години.
Во конкуренција на Швајцарија, на Србија и на Шпанија, од четвртиот сад ја добивме Романија која долго чека да ги врати златните времиња на својот ракомет, а на последните два големи настана заврши 12-та. Оттука ќе биде исклучително тешко, но не и невозможно, Македонија да биде меѓу првите три во групата, а со тоа да избори учество во главната фаза од којашто една група, исто така, ќе биде играна во Скопје.
Во конкуренцијата во Љубљана се бранителките на тронот – Норвежанките, Унгарките, Хрватките и Швајцарките, во Цеље во групата „Бе“ ќе се надмудруваат Данска, Шведска, Словенија и Србија, а во групата „Де“ во Подгорица со којашто ќе вкрстат трите најдобри селекции од Скопје, ќе настапат Полска, Црна Гора, Германија и Шпанија. Европското првенство во Словенија, во Црна Гора и во Македонија ќе биде шесто за црвено-црните, а вкупно 11-ти голем настан, прв по точно една деценија.
