Штрајкот на СОНК во мирување
Просветарите и учениците се враќаат на настава. Штрајкот ставен во мирување. Преговорите меѓу СОНК и Владата ќе продолжат со медијација. На маса, последниот владин предлог- 12 насто поголема плата од јули и К-15 од следната година...

Синдикатот за образование, наука и култура го стави штрајкот во мирување откако доби известување од Министерството за труд и социјална политика дека Министерството за образование и наука пристапува кон мирно решавање на спорот.
Од денес, учениците треба да се вратат на настава, но дел од членството на СОНК незадоволно од најновата одлука на синдикатот, вчера протестираше барајќи одговорност од првиот човек на синдикатот. Велат дека оние деца што ќе дојдат во училиште, нема да бидат вратени.
Сите оние кои утре ќе дојдат во училиште, ќе бидат прифатени. Ние ќе бидеме во училиште, ако дојдат деца, ќе ги примиме. Ако треба ќе држиме и настава, изјавија дел од наставниците кои вчера се собраа пред седиштето на СОНК.
Порачаа дека не им се важни процентите за зголемување на платите, туку колективните договори. Се чувствуваат изиграни од претседателот на синдикатот.
Одлуката дека штрајкот се става во мирување ја објави претседателот на СОНК Јаким Неделков, кој изјави дека е направена консултација со правни лица и дека мора да се постапи согласно законот. Најави дека доколку во периодот на мирно решавање на спорот, не се изнајдат соодветни решенија, штрајкот повторно ќе биде активиран.
