Украина

Мариупол под опсада, битка за „Азовстал“

29.04.2022 09:25

Цивилите можат слободно да ја напуштат фабриката за челик „Азовстал“, но милитантите мора да го положат оружјето, порака од Кремљ. Командантот на ултранационалистичкиот баталјон Азов бара украинските лидери да им помогнат во одбраната на челичарницата.

Продолжуваат битките во Украина. Киев обвинува дека Москва спречува евакуација на ранетите украински борци од фабриката за челик во Мариупол со цел да ги зароби. Баталјонот Азов објави видео на кое наводно се гледаат последиците од рускиот напад врз импровизираната болница во фабриката за челик „Азовстал“. Градскиот совет соопшти дека околу 100.000 жители на градот се во смртна опасност поради руското гранатирање и недостигот од храна и вода. Портпаролот на Кремљ изјави дека цивилите можат да го напуштат „Азовстал“, а милитантите да го положат оружјето.

„Верувам дека порано или подоцна Украина и НАТО ќе се борат со непријателот заедно. Мораме да разбереме дека оваа војна веќе се случува во Украина. Доколку час поскоро нашите сојузници се приклучат ќе ја запреме војната која сега ни ги уништува куќите, ги убива нашите жители“, изјави Вадим Бојченко, градоначалник на Мариупол.

И гувернерот на источниот регион Доњецк вели оти Русија ги блокира напорите за хуманитарни коридори во Доњецк. Москва негира дека цели на цивили. Претходно Русија нападна цели во Киев додека шефот на Обединетите нации Гутереш беше во посета.

„По нашите разговори со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш во Киев, пет руски проектили пролетаа во градот. Ова кажува многу за вистинскиот однос на Русија кон глобалните институции, за обидите на руските власти да ги понижат ОН и сè што претставува организацијата“, изјави украинскиот претседател Зеленски.

Руското Министерство за одбрана објави дека руски авион погодил 76 украински воени објекти вклучително и две складишта за ракетно и артилериско оружје. Според Конашенков, во нападите загинале над 320 војници и биле уништени 35 оклопни и моторни возила.

„Руските вооружени сили ја продолжуваат специјалната воена операција во Украина. Руските системи за противвоздушна одбрана соборија седум украински беспилотни летала“, рече Игор Конашенков-портпарол на руското Министерство за одбрана.

Од друга страна, Русија вели дека Украина е виновна за неуспехот на преговорите за безбедни коридори. Најмалку десет лица се повредени по оштетувањето на станбена зграда во Киев во руски ракетен напад, објави украинската државна служба за итни случаи.

Маријана Димовска