Ковачевски: Се фокусираме на економскиот развој
Форум по повод 100 дена од мандатот на Владата. Премиерот Ковачевски истакна дека Владата останува посветена на клучните прашања од интерес на граѓаните...

Премиерот Димитар Ковачевски денеска се обрати на Форумот „100 дена Влада“ на кој низ форматот прашања и одговори, заедно со вицепремиерите и министрите, ги презентираа остварувањата во овој период.
Ковачевски истакна дека Владата останува посветена на клучните прашања од интерес на граѓаните.
„Посебно внимание ќе им биде посветено на темите за економската сигурност и за подобар животен стандард. Токму затоа инсистирам во неколку наврати дека нашиот фокус е ставен на економскиот развој на земјата и на финансиска поддршка за семејствата. Исто така, оваа Влада останува да биде ефикасна, одговорна, чесна и високо продуктивна во работењето, посветена на поставените високи цели кои со многу работа и труд ќе ги реализираме“, нагласи премиерот во своето обраќање.
Премиерот Ковачевски, зборувајќи за евроинтеграциите, повторно нагласи дека дијалогот со Бугарија мора да се базира на европски вредности, почит и достоинствен разговор. Нагласи дека како држава во изминатите триесет години имаме направено многу и се имаме откажано од многу, сè со цел да ги исполниме критериумите за членство во ЕУ.
