Се очекува евакуација на цивилите во опколената челичарница во Мариупол
За денеска е планирана евакуација на цивили од челичарницата „Азовстал“. Москва бара милитантите да го предадат оружјето. Киев ракетиран при посетата на генералниот секретар на Обединетите Нации. Руското Министерство за одбрана соопшти дека била уништена воена фабрика. Не треба да го спуштиме гардот, изјави Зеленски. По повеќе од два месеца војна, украинскиот претседател откри дека руски специјалци се обиделе да го убијат...

Украина очекува час поскоро да ги евакуира цивилите и борците од фабриката за челик „Азовстал“. 100.000 жители се во смртна опасност велат од Градскиот совет.
Од Кремљ тврдат дека цивилите можат да го напуштат „Азовстал“, а милитантите да го положат оружјето.
„Оваа ноќ е ноќ на голем број фосфорни бомби, 50 напади, ракети, артилериски гранати и сè што варварите можат да го употребат против човештвото. Во Мариупол денот се брои како година“, изјави Свјатослав Паламар, заменик-командант на Азовскиот полк.
Гувернерот на Доњецк вели дека Русија ги блокира напорите за хуманитарни коридор. Најмалку десетмина се повредени по оштетувањето на станбена зграда во Киев.
Руски ракетен напад и врз воената фабрика „Артјом“.
„Високопрецизното оружје со долг дострел на руските воздушни сили ги уништи производствените капацитети на претпријатието за ракетна и вселенска индустрија „Артјом“ во градот Киев“, изјави Игор Конашенков-портпарол на руското Министерство за одбрана.
Војната во Украина би можела да трае со години, истакна генералниот секретар на НАТО. Украинските власти велат дека порано или подоцна НАТО и Украина ќе се борат со непријателот заедно.
„Доколку час поскоро нашите сојузници се приклучат ќе ја запреме војната која сега ни ги уништува куќите, ги убива нашите жители“, вели Вадим Бојченко-градоначалник на Мариупол.
Москва претходно нападна цели во Киев додека шефот на Обединетите Нации, Гутереш беше во посета, изјави претседателот Зеленски.
„По нашите разговори со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш во Киев, пет руски проектили пролетаа во градот. Ова кажува многу за вистинскиот однос на Русија кон глобалните институции, за обидите на руските власти да ги понижат ОН и сè што претставува организацијата“, вели Володимир Зеленски-претседател на Украина.
Војната во Украина трае веќе трет месец.
Маријана Димовска
