ССМ на 1-ви мај излегува на протест
ССМ на протест на денот на трудот. Бара линеарно зголемување на платите за 2.806 денари. Вицепремиерот за економски прашања, Битиќи, најави дека усогласувањето на платите ќе се дефинира за шест месеци, откако ќе заврши периодот на дијалог и преговори...

Сите работници масовно да излезат на протестот на 1-ви мај за да ја покажеме неопходната потреба од зголемување на платите, рече првиот човек на Сојузот на синдикатите на Македонија, Дарко Димовски во пресрет на одбележувањето на денот на трудот. Вели, за празнување требаат пари, а инфлацијата ни ги изеде.
Сојузот на синдикатите на Македонија и Владата веќе го почнаа социјалниот дијалог за усогласување на платите, откако претходно постигнаа согласност за минималецот. Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи очекува преку дијалог да се стигне до системско решение за платите во јавниот сектор.
Битиќи смета дека по одлуката за зголемувањето на минималецот на 18.000 денари, некои го искористиле постигнатиот консензус да поттикнат штрајкови, иако било договорено усогласувањето да се случи за шест месеци.
Марија Котовска
