Штрајкот на СОНК во мирување, наставата продолжува
Просветарите и учениците се вратија на настава. Штрајкот на СОНК ставен во мирување. Дел од наставниците незадоволни од одлуката на раководството. Решение за барањата на синдикатот ќе се бара преку процесот на помирување. Труд и социјала го одреди посредникот. Преговорите продолжуваат таму каде што застанаа. Сè уште е нејасно дали учебната година ќе заврши на 10-ти јуни или пак ќе биде продолжена за 5 дена...

Адвокатскиот тим на СОНК правно го образложи процесот за мирно решавање на работните спорови, со кој е назначен медијатор меѓу Синдикатот и Министерството за образование, а штрајкот e ставен во мирување. Правниот тим појасни дека ова е законска обврска и гo повика членството да не потпаѓа под притисоци и манипулации.
Прашан зошто порано не се спровел процес на помирување, првиот човек на СОНК одговори дека сега Министерството за образование го побарале тоа од нив. За изгубените часови топката ја префрли на МОН.
По тринеделниот штрајк, наставниците почнаа да држат часови. Но, дел од нив се незадоволни од одлуката на СОНК за ставање на штрајкот во мирување и од односот на Владата.
Сè уште не се знае како учениците ќе ги надоместат изгубените часови. Средношколците со кои разговаравме велат дека ги поддржуваат нивните професори, но не сакаат да учат после 10-ти јуни.
Веќе се формирани работни групи на СОНК и Министерството за образование.
Викторија Милевска
