Отчет за сработеното во првите 100 дена
Премиерот Ковачевски и министрите со отчет за сработеното во првите 100 дена. Врвни приоритети-справување со енергетската криза, заштита на стандардот на граѓаните, евроинтеграциите. Лајт мотив на владата СДСМ-ДУИ и партнерите е стабилноста...

Точно дека притисокот е голем, но оваа Влада може да се носи со предизвиците, ги штитиме граѓаните и нивните интереси, рече премиерот Ковачевски во отчетот за 100 дена Влада. Во приоритетите, на прво место-животниот стандард, одржливиот економски раст, но и зголемување на инвестициите.
„Првиот приоритет се однесува на заштита на животниот стандард на оние кои се најранливи и задржување на ликвидноста на компаниите. Вториот се однесува на одржлив економски раст односно продолжување на програмите за раст на производството, на извозот како и на стопанската активност во земјата. Третиот приоритет се фокусира на зголемување на бруто инвестициите и тоа и на инвестициите кои се доминантно од државниот буџет, меѓутоа и на приватните инвестиции како генератор на економскиот раст на државата на среден рок. Со 26-те антикризни мерки, го спречивме ударот од големиот ценовен шок во услови на историски највисоки цени на храна и енергенси“, изјави премиерот Ковачевски.
Премиерот оцени дека преземените мерки во земјоделството овозможуваат навремено снабдување со потребните основни суровини за производство на храна, со ѓубриво за сеидба и прихрана, семенски материјали и „зелена нафта“. Оваа криза нè научи дека мора да се работи и да се инвестира стратешки.
Во услови на раст на цените на храната и енергенсите, спроведуваме успешна транзиција и одржливо земјоделско производство – посочи Ковачевски.
„Ова е прашање кое ја преокупира не само нашата Влада туку е клучна тема и на ниво на ЕУ и на земјите кои претендираат да станат членки на ЕУ. Оваа криза која започна како енергетска криза минатата година којашто продолжи како уште повеќе засилена енергетска криза заради воената инвазија на Русија врз Украина, покрај тоа што ги зголеми цените на електричната енергија и ги исправи државите да мора да спроведат мерки кои нема дозволат ценовен шок за граѓаните, предизвика уште една многу важна тема, а тоа е енергетска транзиција и диверзификација на изворите на снабдување со енергенси“, истакна Ковачевски.
Во низата проекти кои поодделно ги презентираа во отчетот, секој од министрите во Владата, првиот вицепремиер Груби со јасен став дека парламентарни избори може да се одржат во 2024-та, во април заедно со претседателските. Лајт мотив на Владата СДСМ-ДУИ и партнерите е стабилноста.
Миле Ристески
