Османи: Топката не е веќе во нашиот двор туку е во Софија
Според него, преку петте работни групи се работи на подобрувањето на односите со Бугарија. Но, сега, одлуката е во рацете на соседот, но на потег е и Брисел...

Остануваат уште две недели можност да се постигне договор меѓу Скопје и Софија и да се отстрани пречката на патот на нашите евроинтеграции, вели шефот на дипломатијата Османи. Според него, преку петте работни групи се работи на подобрувањето на односите со Бугарија. Но, сега, одлуката е во рацете на соседот, но на потег е и Брисел.
„Топката не е веќе во нашиот двор туку е во Софија. Ние направивме сè што можевме. Процесот веќе не зависи од нас туку дали ЕУ ќе преземе стратешко лидерство во овој регион затоа што тоа веќе не е ни прашање на проект туку е прашање на безбедност“, изјави Османи.
Вицепремиерот за европски прашања Маричиќ оценува дека изминативе пет години е постигнат голем напредок во евроинтегративниот процес. „Процесот престана да биде заробен само од одредени прашања, пред сè поврзани со историјата и тој нов пристап и нова енергија мислам дека даваат резултати, вели Маричиќ. Тој тврди дека државата е насочена кон штитење на националните интереси, јазикот и идентитетот.
„Нашите европски интеграции премногу долго се жртва на билатерални политички прашања и затоа е време што поскоро да ги затвориме тие прашања на правилен и достоинствен начин, за да можеме да се посветиме на вистинските реформи и европеизација на нашето општество“, изјави Маричиќ.
Од аспект на подготвеноста за почеток на пристапни преговори, вицепремиерот истакна дека котираме најдобро од сите земји во регионот, и дека таа енергија треба да се искористи за време на француското претседателство.
Марина Т. Стојанова
