САД: Руска изопаченост и бруталност во Украина
За руска изопаченост и бруталност во Украина обвини Пентагон. Украинскиот претседател Зеленски изјави дека сè уште е отворен за мировни преговори со Путин. Лавров со став - Русија не е во војна со НАТО, но НАТО и ЕУ веруваат дека се во војна со Русија...

Министерството за одбрана на САД го обвини рускиот претседател Путин дека постапил со „изопаченост“ во неговата инвазија на Украина. Портпаролот Џон Кирби беше видно емотивен кога праша како некој „морален“ може да ги правда злосторствата извршени од Русија.
„Нема да навлегувам во психологијата на Владимир Путин. Тешко е да се види што прави тој и неговите сили во Украина секој етички, морален поединец тешко може да го оправда тоа. Тешко е да се погледне – извинете. Тешко е да се погледнат некои од сликите и да се замисли дека секој сериозен. Зрел лидер би го направил тоа“, вели Џон Кирби, портпарол на Пентагон.
Украинскиот претседател Зеленски изјави дека сè уште е отворен за мировни преговори со Путин. Но рече и дека постои голем ризик тие да пропаднат поради руската агресија.
„По Буча и Мариупол, луѓето сакаат да ја убијат руската војска која изврши злосторства. Затоа што тие убија наши луѓе. А кога имате таков став, тешко е да се зборува за нешто. Не е лесно. Затоа со срцето и душата и умот сум со моето општество и мојот народ, но во исто време разбирам дека ако има шанса, мора да разговараме“, вели Володимир Зеленски – претседател на Украина,
Зеленски рече дека сака да се сретне со Путин бидејќи „еден човек одлучува за сè“ во Русија. Претходно Украина објави потера по 10 руски војници обвинети за воени злосторства во Буча каде што беа убиени најмалку 400 цивили.
Рускиот министер за надворешни работи Лавров изјави дека повеќе од еден милион луѓе се евакуирани од Украина во Русија од почетокот на војната во февруари.
„Заглавени сме поради оваа недоследност, поради нивната желба да играат игри секој пат и, колку што можам да претпоставам, поради инструкциите што ги добиваат од Вашингтон, од Лондон, од некои други престолнини да не го забрзуваат преговарачкиот процес“, вели Сергеј Лавров, руски министер за надворешни работи.
Русија потврди дека нејзината војска извршила воздушен напад врз главниот град на Украина за време на посетата на генералниот секретар на ОН.
„Го цениме интересот на генералниот секретар Гутереш да биде од помош. Тој има свои претставници веќе неколку месеци во Русија, тие работат со Министерството за одбрана за да се координира испораката на хуманитарни конвои“, рече Сергеј Лавров, руски министер за надворешни работи.
Лавров изјави дека Русија не е во војна со НАТО, но дека НАТО и ЕУ веруваат дека се во војна со Русија.
Марина Автовска
