Македонија

Тетово: Се бара решение за проблемот со бездомните кучиња

30.04.2022 11:40

Пропадна иницијативата за регионален пристап за решавање на проблемот со кучиња скитници во целиот полошки регион. Локалната самоуправа на Брвеница, донесе одлука на нејзина територија да не се гради стационар за бездомни животни, откако Центарот за полошки плански регион, посочи локација за згрижување на кучиња, токму во оваа рурална општина...

Брвеница не е против изградба на стационар, но, одлуката ја донесе советот на општината, оти посочената локација за згрижување на бездомни животни е во близина на две села и за неа нема донесено никаква документација, вели градоначалникот Јовица Илиевски. Во меѓувреме површината која е земјоделска, веќе е дадена под концесија на приватно лице.

Во Тетово функционираше стационар за згрижување на кучиња скитници, но истиот работеше во зависност од финансиите, кои за него ги одвојуваше општината.

Сега новата локална власт, вели дека проблемот ќе го решава преку здружение за згрижување на животни, откако со него ќе склучат договор.

Досега во Тетово стерилизирани и вакцинирани се околу 500 бездомни кучиња, но низ градот има уште толку, говорат проценките на ветеринарните амбуланти.

Проблемот, велат оттаму, ќе се одолжува и никогаш нема да се реши, ако не се пристапи регионално, но и ако општините и натаму или минимално или воопшто не одвојуваат средства за згрижување на бездомните животни.

Зоран Димовски