Македонија

Струга: Полски туристи за првомајските празници

30.04.2022 15:14

За првомајските празници се очекуваат првите организирани групи туристи од Полска. Според прогнозите на АППТ, годинава на брегот на Охридското Езеро ќе летуваат околу 25 000 гости од Полска. Очекувањата за летната сезона 2022-ра се оптимистички...

За првомајските празници доаѓаат првите организирани групи од Полска. Руско-украинската криза не ги поколеба да летуваат на брегот на Охридското Езеро.

Оваа сезона се очекуваат 25 000 туристи од Полска да ги посетат Охрид и Струга, тоа го потврдиле полските тур-оператори, велат од АППТ.

„Се надевам дека 2022-ра година ќе имаме ист или поголем број на полски туристи. Всушност 2021-ва  година имавме 19.000 полски туристи, се надевам дека оваа година ќе стигнеме до бројката од 25.000“, вели Љупчо Јанески, директор на АППТ.

На поуспешна туристичка сезона се надеваат и локалните туристички работници.

„Оваа сезона ќе биде успешна, далеку сме од очекувањата дека ќе ги оствариме бројките од 2019-та година, но сепак очекуваме дека оваа година 2022-ра ќе биде поуспешна и туристичкиот сектор ќе земе замав и ќе закрепне од последиците“, вели Јаким Маленко, тур-оператор.

Оптимизмот, пост-пандемијата го поткрепуваат најавените нови авиолинии Марибор–Скопје и Охрид-Белград.

Соња Рилковска