Македонија

Прилеп: Проблемот со децата питачи да се решава институционално

30.04.2022 17:15

Проблемот со децата питачи е децениски, ама нерешен. Невладината „Градиме иднина“ во земјава спроведува проект за да запре овој организиран криминал со злоупотреба на децата. Прилеп, сметаат, е во врвот со бројките. Се бара институционално решение...

Ги сретнавме на плоштадот во центарот на Прилеп. Ги запираат минувачите, влегуваат во трговските објекти. Од невладината „Градиме иднина“ тврдат - во земјава има преку 2000 деца кои питачат, 146 се злоупотребувани од организаторите, од биолошките родители, а 1.500 деца имаат нарушено здравје. Прилеп, велат, е во врвот со бројките, дури 20 до 30 дневно питачат, доаѓаат и од други места. Ова е организиран криминал со злоупотреба на децата.

Прилепскиот Центар за социјални работи регистрирал 3-4 деца питачи, од другите градови тешко се евидентираат. Работат, главно, на зајакнување на семејствата.

Се бара институционално решавање на проблемот. Останува апелот, граѓаните да не им даваат пари.  

Проектот „Стоп за децата питачи и нивната злоупотреба“ ги опфаќа сите градови. Ќе се ангажираат адвокати-волонтери кривично да ги гонат организаторите.

Елизабета Митреска