Нуркачи од земјава и регионот го чистеа Охридско Езеро
80 нуркачи од земјава, Србија и Хрватска беа дел од денешната меѓународна еколошка акција за чистење на дното на Охридското Езеро. Како и многупати досега нуркачите од езерските води извлекоа поголема количина цврст отпад, што говори дека сè уште еколошката свест на граѓаните во нашата земја не е на потребното ниво, бидејќи постојано го загадуваат овој македонски бисер кој е под заштита на УНЕСКО...

Шпорет и други делови од покуќнина, разни метални конструкции, 4 потопени чамци, пластична амбалажа, лименки, градежен шут и други предмети извлекоа нуркачите од дното на Охридското Езеро во рамките на денешната Меѓународна еколошка акција, која се одвиваше на три локации.
„Вадиме околу 100-тина, околу 150-тина килограми во зависност од тоа за која акција станува збор. Значи што поголема акција толку повеќе отпад се вади од Охридското Езеро, меѓутоа со текот на годините гледаме дека се подобрува состојбата“, вели Јован Секулоски- Нуркачки центар „Амфора“ Охрид.
„Имаме привилегија да поседуваме една ваква уникатна убавина која е препознаена и запишана како светско природно наследство и затоа треба да вложиме максимални напори да го сочуваме за идните генерации. Недозволиво е овој прекрасен езерски басен, за кој научниците тврдат дека е стар околу 3 милиони години, во кој живеат ендемични видови растителен и животински свет да се исфрла најразличен отпад“, изјави Кирил Пецаков- градоначалник на Охрид.
Во еколошката акција која ја што организираше нуркачкиот центар „Амфора“ беа вклучени 80 нуркачи од земјава, Србија и Хрватска.
„Голема штета е што се фрла отпад во езерото. Треба да се разбуди свеста кај луѓето да го чуваат она што го имаат и што е драгоцено“, порача Мирко Бевења- нуркач од Србија.
„Не сум изненаден од тоа што се загадува езерото. И ние го имаме истиот проблем бидејќи некои луѓе мислат дека нашето Јадранско море и езерата се места за одлагање на отпад“, рече Роберт Калаљ-нуркач од Хрватска.
„Секој треба да тргне од својот дом и да го чисти зад себе отпадот. Кај нас еколошката свест е малку подигната, но сепак сметам дека пластиката е најголемиот проблем“, изјави Иван Јариќ-нуркач од Хрватска.
Во текот на оваа акција која е дел од Проектот „Охрид ЕКО 2022“ беше извлечена можеби најголема количина отпад досега, што треба да придонесе за подигање на еколошката свест кај охриѓани, но и туристите коишто доаѓаат во Охрид.
Сашо Нелоски
