Тензично во Украина

09.04.2014 13:11

Проруските демонстранти остануваат на барикадите во владините згради во Луганск и Доњецк, иако во текот на ноќта им дозволиле на педесетина лица да ја напуштат зградата на Службата за безбедност без да биде употребено оружје

Во Украина се уште напнато. Проруските демонстранти остануваат на барикадите во владините згради во Луганск и Доњецк, иако во текот на ноќта им дозволиле на педесетина лица да ја напуштат зградата на Службата за безбедност без да биде употребено оружје. Демонстрантите не отстапуваат од барањата за референдум за отцепување и порисоединување кон Русија.

„Ние сакаме да се опстои Украина, но да биде дел од Русија. Нашата желба е сите Словенски народи да бидат обединети“, вели жител на Луганск.

„Сакаме да се смени оваа Влада и да се одржи референдум на кој ќе го кажеме нашето мислење“, додава друг.

Локалната власт во Харков го отфрли барањето за автономија на регионот. Украинските власти пратија масовни полициски сили, но демонстрантите се заканија со контра акција.  Европската заедница и единствениот воен пакт во светот се загрижени за состојбата.

„Нашата позиција е многу јасна, руските акции во Украина се нелегетимни и ние бараме Русите да се повлечат. Не сме разговарале за воена интервенција, но ако Русија продолжи со ваквото однесување ќе воведеме поригорозни економски санкции. Во моментов се обидуваме да не дозволиме состојбата да ескалира“, вели генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен.

Москва инсистира на разговорите со Киев, Брисел и Вашингтон, да учествуваат  и претставници од југоисточните региони. На 14-ти април шефовите на дипломатиите на членките на Европската Унија на состанок за состојбата во земјата.

Марија Петковска