Зеленски: Окупаторите собираат дополнителни сили, не запираат
Украинскиот претседател Зеленски рече руската војска собира дополнителни сили за нови напади на Украина. Москва, пак соопшти дека продолжува со специјалната воена операција во земјата. Група цивили ја напуштија челичарницата „Азовстал“, каде што се наоѓаат последните украински војници во црноморското пристаниште Мариупол...

Украинскиот претседател Зеленски рече дека од почетокот на руската инвазија на Украина, загинале повеќе од 23.000 руски војници, уништени биле повеќе од 1.000 руски тенкови и речиси 2.500 други воени возила.
„Окупаторите собираат дополнителни сили за нови напади против нашата војска на истокот од земјата. Тие донесоа засилување во регионот Харков, обидувајќи се да го зголемат притисокот во Донбас. Тие изгубија повеќе од 23.000 војници во битките на оваа бесмислена војна за Русија. Но не запираат“, вели Володимир Зеленски, украински претседател.
Москва претходно призна дека од почетокот на војната се убиени повеќе од илјада руси, а проценува дека бројот на убиени украински борци е повеќе од 23.000.
Група од 20 цивили ја напуштија челичарницата „Азовстал“, каде што се наоѓаат последните украински војници во црноморското пристаниште Мариупол.
„Префрливме 20 цивили спасени од урнатините. Тоа се жени и деца. Се надеваме дека овие луѓе ќе бидат однесени во договорената насока, до Запорожје, на територијата контролирана од Украина“. Војниците на азовскиот полк ја продолжуваат спасувачката операција, со јажиња ги вадат цивилите од урнатините: стари лица, жени и деца. Се надеваме дека овој процес дополнително ќе биде продолжен и успешно ќе ги евакуираме сите цивили“, вели Свјатослав Паламар - заменик командант на одредот за специјални операции „Азов“.
Продолжува евакуацијата во регионот на Доњецк, каде што има жестоки борби.
„Застрашувачки е. Ги испративме нашите деца, но ние сме сè уште тука“, вели жителка од регионот.
„Треба да престанат да го прават ова. Зошто им е потребно? Кому му треба? Тие велат дека нашиот народ е одговорен, а нашиот народ вели дека тие се одговорни. И за што? Не можеа ли да се договорат да го завршат ова ?“, вели украински жител.
Градоначалникот на Мариупол, Бојченко, рече дека во две години окупација на Мариупол за време на Втората светска војна, нацистите убиле десет илјади луѓе, а дека Русите двојно го зголемиле тој број за време на двомесечната опсада на градот.
Марина Ристова
