Украина

Евакуирани 100 цивили од „Азовстал“

02.05.2022 11:46

Од „Азовстал“ евакуирана првата група цивили. Нови експлозии и во рускиот град Белгород. Запрена руската офанзива на источниот фронт, тврдат украинските власти. Москва и натаму убедена дека Киев ги саботира преговорите...

100 цивили евакуирани од челичарницата „Азовстал“ во јужниот дел на Мариупол. Русија тврди дека десетици веќе стигнале во село под нејзина контрола. Киев предупреди дека Москва подготвува засилени напади на истокот.

„Руските трупи продолжуваат да ја напаѓаат нашата територија. Нивниот избор на оружје докажува дека војната против Украина за Руската Федерација е војна за уништување на нашата земја. Ни ги уништија земјоделските складишта, пукаа кон магацини со фертилизатори. Удираат и врз населени места во Харков, Донбас и така натаму“, вели Володимир Зеленски – претседател на Украина.

Во меѓувреме, експлозии и во Белгород. Руската одбрана соопшти дека во близина на Одеса бил гранатиран магацин со оружје кое било странска воена помош за Украина.

„Високопрецизните проектили „Оникс“ уништија магацин на воениот аеродром во близина на Одеса, со оружје и муниција испорачани од САД и европските земји, уништена е и пистата“, Игор Конашенков -портпарол на руското Министерство за одбрана.

САД продолжуваат да и обезбедуваат поддршка на Украина. Претседателката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси, за време на посетата на Киев доби „Орден на принцезата Олга“ поради придонесот во зајакнувањето на билатералните односи. Републиканскиот конгресмен Адам Кинзингер претстави нацрт-резолуција за употреба на американски воени сили доколку Русија употреби оружје за масовно уништување.

Москва и натаму убедена дека спротивната страна ги саботира преговорите.

Британското МНР соопшти дека руски хакери започнале нов напад. Според министерството, преку апликацијата „Телеграм“ регрутирале луѓе кои ширеле пропаганда на социјалните мрежи во полза на рускиот претседател Владимир Путин. Лажни сметки се пронајдени на осум платформи, меѓу кои се и „Твитер“, „Фејсбук“ и „Тик-Ток“.

Маја Стојановска Филдишев