Странски инвеститори заинтересирани за вложување во Гевгелија и Струмица
Најчесто станува збор за инвестициски модел, кој компаниите го избираат по примерот на Џонсон Контролс во Штип, почнувајќи во прва фаза со работа во изнајмена хала, каде вршат тренинг и обука ...

Неколку странски компании во моментов разгледуваат модел за браунфилд и гринфилд инвестиции во земјава. Според директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, Виктор Мизо, по примерот на американската компанија Амфенол која почна со производство на автомобилски делови во погоните на Атом во Кочани има неколку странски инвеститори од Германија, Италија и САД за ваков вид инвестиција.
Најчесто станува збор за инвестициски модел, кој компаниите го избираат по примерот на Џонсон Контролс во Штип, почнувајќи во прва фаза со работа во изнајмена хала, каде вршат тренинг и обука на околу 20% од потребната работна сила, а паралелно започнуваат и со градба на сопствен производен капацитет во некоја од слободните зони, соопштуваат од општина Гевгелија.
Следствено, по завршувањето со изградба на фабриката би продолжиле производство во истата и би ја комплетирале втората фаза, односно гринфилд инвестицијата во Македонија, објаснува Мизо. За оваа цел се креираше и електронска база на браунфилд објекти на целата територија на Македонија.
„Во моментов, имаме неколку странски компании кои го разгледуваат овој модел за инвестирање во Македонија - браунфилд, а потоа гринфилд, и тоа од Германија, Италија и САД“, објаснува Мизо.
Освен за привлекување на странски инвестиции идејата за браунфилд е атрактивна и за домашните бизнисмени. Според информациите од Агенцијата за странски инвестиции неколку компании главно од скопскиот и јужниот регион се најзаинтересирани за реализација на браунфилд инвестиција. Најголем е интересот за инвестиции во Гевгелија и Струмица.
