Украина

Евакуација на цивили од „Азовстал“, засилени воени операции на истокот

02.05.2022 15:44

По десетици денови под земја, конечно сонце. Евакуирани цивили од фабриката „Aзовстал“. Засилуваат воените операции на истокот, експлозии и во Белгород. Киев открил руски шпиони во воениот штаб, Москва смета дека спротивната страна ги саботира преговорите...

По десетици денови под земја, првите цивили од челичарницата „Азовстал“ конечно видоа ден. Почнаа евакуациите на луѓето. Русија тврди дека десетици веќе стигнале во село под нејзина контрола.

„Децата сакаа постојано да јадат. Возрасните можат да издржат.“

„Два-три пати се обидовме да заминеме со автобус додека немаше пукање, но нè враќаа и не нè пуштаа.“

Во воената команда на Киев откриени руски шпиони. Според соработниците на Зеленски, групата планирала со украински ракети да собори патнички авион над Русија или Белорусија, а за тоа да ја обвини Украина. Во Црно Море уништени руски патролни бродови.

„Руските трупи продолжуваат да ја напаѓаат нашата територија. Нивниот избор на оружје докажува дека војната против Украина за Руската Федерација е војна за уништување на нашата земја“, изјави украинскиот претседател Зеленски.

Експлозии и во руски Белгород. Во близина на Одеса гранатиран магацин со оружје.

„Високопрецизните проектили „Оникс“ уништија магацин на воениот аеродром во близина на Одеса, со оружје и муниција испорачани од САД и европските земји, уништена е и пистата“, рече Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.

Турскиот претседател Ердоган најави продолжување на телефонските разговори со рускиот колега Путин. Москва и натаму убедена дека спротивната страна ги саботира преговорите. Во вербалната пресметка се вклучи и Израел по изјавата на Лавров за можното еврејско потекло на Хитлер.

„Зеленски тврди дека не постои нацификација зашто бил Евреин. Можеби грешам, но и Хитлер имал еврејска крв. Тоа не значи ништо. Мудрите Евреи велат дека најжестоките антисемити најчесто се Евреи“, нагласи Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

Британското МНР известува за нов руски хакерски напад. Преку апликацијата „Телеграм“ хакери регрутирале луѓе кои ширеле проруска пропаганда на интернет. Лажни сметки се пронајдени на осум платформи, меѓу кои се и „Твитер“, „Фејсбук“ и „ТикТок“.

 

Маја С. Филдишев