НБРМ: Продолжуваат поволните трендови во македонската економија

09.04.2014 13:43

Показателите за индустријата и градежништвото покажуваат понатамошен раст на активноста во овие сектори, во услови на постепено закрепнување на странската побарувачка...

Во првиот квартал од годинава македонската економија ги задржа поволните трендови кои преовладуваа во 2013 година со реален раст на БДП од 3,1 отсто, констатира Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ. 
 
Показателите за индустријата и градежништвото покажуваат понатамошен раст на активноста во овие сектори, во услови на постепено закрепнување на странската побарувачка, раст на активноста на новите капацитети и фискален стимул во градежниот сектор. Оцените и понатаму покажуваат дека растот на економијата нема да предизвика поголеми нерамнотежи во економијата.
 
Постепеното намалување на инфлациските притисоци се потврди и со најновите податоци за трошоците за живот за март 2014 година. Имено, инфлацијата сѐ уште забавува на годишна основа, а просечната инфлација за првите три месеци и натаму е стабилна и изнесува 0,6 проценти. Ваквите движења на инфлацијата главно се поврзуваат со ефектите од движењето на светските цени на храната и енергијата врз домашните цени, се наведува во соопштението од НБРМ.
 
На кредитниот пазар во март се забележува натамошно зголемување на кредитната поддршка на економијата преку банкарски кредити и забрзување на месечниот и годишниот раст на кредитите.