Воен конфликт

Зеленски: Москава ги заборави лекциите од Втората Светска војна

03.05.2022 09:40

„Москва ги заборавила лекциите од Втората Светска војна“ Зеленски со осуда за изјавата на Лавров дека Хитлер имал и еврејска крв. Продолжуваат ракетните напади врз Украина. Гранатиран пристанишниот град Одеса. Погодена станбена зграда и црква. Во Мариупол, челичарницата „Азовстал“ и натаму под оган. Брисел го подготвува шестиот пакет санкции...

„Москва ги заборавила лекциите од Втората Светска војна“-украинскиот претседател Зеленски со силна осуда за изјавата на рускиот министер за надворешни работи, Лавров дека Хитлер имал и еврејска крв.

„Лавров отворено и без двоумење рече дека наводно најголемите антисемити биле меѓу самите евреи и дека Хитлер наводно имал еврејска крв, префрлајќи ја вината на еврејскиот народ за нацистичките злосторства. Немам зборови. Руските власти ги заборавиле сите лекции од втората светска војна, или можеби никогаш не ги научиле“, изјави Володимир Зеленски, претседателот на Украина.

И италијанскиот премиер Марио Драги со критика за антисемитските изјави на рускиот шеф на дипломатијата.

„Она што го кажа министерот Лавров е апсурдно. Делот за Хитлер дека бил евреин, навистина беше непристоен“, изјави Марио Драги, премиерот на Италија.

Продолжуваат ракетните напади врз земјата. Гранатиран пристанишниот град Одеса. Погодена станбена зграда и црква.

„Пет лица беа во зградата во моментот на нападот. Едно 15-годишно дете загина, а уште едно малолетно девојче е пренесено во болница“, изјави Натали Гумењук, од прес-центарот на јужните одбранбени сили на Украина.

Во Мариупол, челичарницата „Азовстал“ и натаму под оган. Евакуираните цивили безбедно пристигнаа во привремениот камп во селото Безимене. Во меѓувреме, Брисел го подготвува шестиот пакет санкции. Шефот на европската дипломатија Борел најави заострување на мерките за руските банки.

„Повеќе руски банки ќе бидат отстранети од системот Свифт и енергетскиот сектор. Работиме на подготовка на предлози за ограничување на увозот на енергија во Русија, особено за нафта“, изјави Жозеп Борел, шеф за надворешна политика на Европската унија.

САД вели дека Русија планира да ги анектира окупираните области во источна Украина. Според Си-Ен-Ен, американските и западните претставници сметаат дека Путин би можел на 9-ти мај да објави војна и да покрене општа мобилизација.

Бојана Крстевски