Оптимизам за старт на преговорите во јуни
Литванија поддржува почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија до јуни. Шефот на литванската дипломатија од Скопје порача дека земјите-членки не смеат да додаваат нови услови на земјите кандидатки. И шефот на македонската дипломатија, Османи оптимист дека сè уште има време за старт на преговорите во јуни, но дека ЕУ сè уште расправа што сè ќе влезе во преговарачката рамка…

Крајно време е Северна Македонија и Албанија да почнат преговори за време на француското претседавање, истакна шефот на литванската дипломатија Ландсбергис во Скопје. Посочи дека земјите-членки на ЕУ не смеат да додаваат дополнителни услови за преговори.
„Дојде време земјите-членки на ЕУ да почнат да прашуваат прашања за вистинските мотиви за упатувањето нови барања до Скопје. Мислам дека ниедна земја не може да го држи целиот пристапен процес, целиот принцип на отворени врати во заложништво“, изјави Габриелиус Ландсбергис, министер за надворешни работи на Литванија.
Има земји-членки кои повеќе или помалку се противат на внесувањето билатерални прашања, но има и некои кои сè уште размислуваат што сè ќе содржи преговарачката рамка, изјави шефот на македонската дипломатија. Османи смета дека ги исполнивме сите услови за почеток на преговори и топката сега е во дворот на ЕУ.
„Во оваа фаза се водат разговори помеѓу земјите-членки за тоа што може. Јасен е ставот дека билатерални прашања не треба да има во преговарачката рамка. Ние не само што ги штитиме нашите интереси, туку ја штитиме и ЕУ, бидејќи го штитиме процесот да остане атрактивен. Ако процесот на проширување стане неатрактивен, ја губи својата сила“, изјави шефот на дипломатијата, Бујар Османи.
Сè уште има време до јуни, да почне преговарачкиот процес, оптимист е Османи, сепак вели дека сме далеку од договор со Софија за отстранување на ветото, бидејќи двете држави остануваат и натаму на своите позиции.
Ирина Гелевска
