Добрососедство

Формиран клуб за бугарско-македонско пријателство

03.05.2022 13:11

Претставување на новиот клуб за македонско-бугарско пријателство. Составен од интелектуалци од двете страни на границата. Членовите велат – целта не е дневнополитичка, туку изградба на нов мост на пријателство меѓу луѓето што би донело позитивна клима меѓу Скопје и Софија...

Целта е да се извлечат бугарско-македонските односи од „ќорсокакот“ во кој моментално се наоѓаат. Да се создаде активно граѓанско општество со претставници од двете земји кои ќе работат на зближување врз основа на европските вредности-велат основачите на бугарско историскиот клуб.

Искрени се намерите преку оваа платформа за соработка да се пласираат ставови со коишто ќе надмине говорот на омраза, кој е особено засилен и од двете страни на границата откако Софија стави вето на евроинтегративниот процес на земјава – вели поранешниот премиер и некогашен специјален пратеник за односите со Бугарија, Владо Бучковски кој е дел од новиот клуб за македонско-бугарско пријателство. Појаснува дека целта е низ отворен дијалог да се разговара за сите табу теми.

Универзитетскиот професор на Софискиот универзитет Александар Ќосев посочи дека двата народа се блиски, но политичките елити се тие кој ја подгреваат тензијата.

„Политиката се оценува по нејзините резултати. Во Бугарија велат дека во Македонија имало бугарофобија. Но и Бугарската политика изминативе десет години, ја зголеми таа бугарофобија за 10 пати. Тоа го гледаме на социјалните мрежи“, изјави Александар Ќосев.

Префесорката Колозова укажа на провокациите од двете страни. Според неа, сите народи од регионов, вклучително и македонскиот и бугарскиот споделуваат заедничка историја, и тоа треба да биде мост на зближување, а не обратно.

Клубот за бугарско-македонско пријателство планира да организира академски, културни, спортски и други средби на граѓани на двете земји за да се подобри меѓусебното познавање, разбирање, пријателство и добрососедство.

Марина С. Тонева