Џафери: Европа не може да биде безбедна и стабилна без земјите од Западен Балкан
09.04.2014 14:24
Во контекст на безбедноста во овој дел од стариот континент, министерот Џафери посочи дека токму интеграцијата на сите земји од регионот во евроатлантската заедница и силната регионална и билатерална соработка се најдобрите механизми за одговор на заедничките предизвици...

Од перспектива на Република Македонија, НАТО е клучниот столб на современата евроатлантска безбедносна архитектура, а Европската Унија е главна движечка сила за демократски, економски и општествен развој на целиот европски континент. Во последната декада постигнат е голем напредок во безбедноста и сеопфатниот развој на сите земји од Западниот Балкан. Ова го истакна министерот за одбрана на Република Македонија, Талат Џафери, во денешното обраќање на работилницата насловена „Регионални безбедносни закани, предизвици и можности“, која е во организација на Алумни асоцијацијата на Европскиот центар за безбедносни студии Џорџ Маршал, за Република Македонија.
Во контекст на безбедноста во овој дел од стариот континент, министерот Џафери посочи дека токму интеграцијата на сите земји од регионот во евроатлантската заедница и силната регионална и билатерална соработка се најдобрите механизми за одговор на заедничките предизвици. Европа, рече министерот, не може да биде слободна, безбедна, стабилна и обединета без интеграција на сите земји од Западниот Балкан, соопштија од Министерството за одбрана.
Воедно, министерот Џафери додаде и дека нашата држава во континуитет ги поддржува напорите на алијансата и на Европската Унија за развојот на демократијата, мирот и еднаквоста, во глобални рамки, а пример за тоа е и децениското учество во мировните операции на овие организации.
