Македонија

119 години од смртта на Гоце Делчев

04.05.2022 10:32

Државни и партиски делегации и здруженија ќе положат цвеќе пред неговиот гроб во црквата „Свети Спас“. Името и дејноста на Гоце Делчев се вплетени во македонската историја како синоним за една автентична и искрена борба и пожртвуваност.

Денеска се навршуваат 119 години од загинувањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Државни и партиски делегации и здруженија ќе положат цвеќе пред неговиот гроб во црквата „Свети Спас“. Името и дејноста на Гоце Делчев се вплетени во македонската историја како синоним за една автентична и искрена борба и пожртвуваност.

Во Собранието ќе биде доделена државната награда „Гоце Делчев“ за 2022 година за особено значајни остварувања од интерес за Република Северна Македонија од областа на науката.

Револуционерот Делчев на денешен ден во 1903 бил убиен од турската војска во селото Баница, на пат кон Сер. По убиството,  неговите посмртни останки се чувале во Баница,  до 1917-та година,  кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923-та година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11-ти октомври 1946-та година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

Годинава се одбележуваат и 150 години од раѓањето на визионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите.