Спасовски во Атина на министерска конференција во рамки на Процесот за соработка на Југоисточна Европа
Европските искуства говорат дека најдобар начин за постигнување на овие цели е да се воспостават ефикасни добрососедски односи, стабилност, безбедност и соработка на земјите од Југоисточна Европа, истакна министерот Спасовски во своето обраќање.

Мминистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на официјална покана од својот грчки колега Панајотис Теодорикакос, учествуваше на Министерска конференција организирана во рамки на претседавањето на Грција со Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) - 2021-2022 година.
„Безбедноста останува еден од најзначајните параметри за мерење на европската перспектива на земјите од регионот на Југоисточна Европа. Денес, во услови на динамично живеење, кога на безбедноста се гледа и од воен аспект, имајќи ги предвид странските воени закани и новите облици на загрозување на безбедноста, исправени сме пред нималку лесна задача – потреба од редефинирање и зајакнување на регионалната соработка, а во исто време водејќи сметка да не се намали ефикасноста на борбата против организираниот криминал, илегалниот миграциски екстремизам и тероризам и трговијата со луѓе. Тоа мораме да го направиме, тоа е во наш интерес. Европските искуства говорат дека најдобар начин за постигнување на овие цели е да се воспостават ефикасни добрососедски односи, стабилност, безбедност и соработка на земјите од Југоисточна Европа. Согласно стратешките интереси за идно полноправно членство во ЕУ и исполнувањето на основните предуслови, Република Северна Македонија ги прифаќа и ги спроведува неопходните чекори на својот европски пат“, истакна министерот Спасовски во своето обраќање.
Министерот Спасовски се осврна и на фактот дека како и останатите држави така и Република Северна Македонија не е во целост имуна на влијанието на војната во Украина, но, рече дека во овој момент ефектите се главно индиректни и не може да се споредат со оние во некои земји членки на ЕУ како гранични држави и во моментов, состојбата се следи преку размена на оперативни и стратешки информации, најчесто преку каналот на ЕВРОПОЛ.
Во рамки на оваа иницијатива за регионална соработка, покрај Република Северна Македонија членуваат и: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Молдавија, Романија, Србија, Турција, Хрватска, Црна Гора, Словенија и Косово.
