Казнети осум трговци од Струга за непочитување на трговска маржа
Осум трговци од Струга заработија казни за непочитување на одлуката на Владата за највисока трговска маржа на прехранбените продукти. Граѓаните незадоволни од однесувањето на маркетите, велат не се почитува одлуката за замрзнување на цените…

Осум трговци од Струга заработија казна за непочитување на одлуката за највисока трговска маржа на прехранбените продукти. Пет трговци не воделе правилна евиденција, а тројца се казнети за нечесно пазарно однесување.
Незадоволни од цените во маркетите граѓаните се жалат во пазарната инспекција.
„Има пријави претставки од граѓаните за непочитување на одлуката на Владата по маркетите и по бензиските пумпи. Државен пазарен инспекторат е излезен на терен и има констатирано фактичка состојба“, вели Шпенди Илјази раководител на Државен пазарен инспекторат Струга.
И покрај одлуката за највисока трговска маржа на прехранбените продукти: леб, шеќер, сол, брашно, масло, млеко, месо и други производи, стружани се жалат на високите цени во маркетите.
„За нас скапи се. Пензијата мала, а ние двајца дома. Ако ја сметате пензијата моја, јас 10.000 земам тоа е, не можам ни струја ни вода да платам“, вели еден стружанец.
„Скапи се многу, многу скапи цени. Не знам до каде ќе оди вака со овие цени“, додава негова сограѓанка.
Од Државниот пазарен инспекторат во земјава од март до април извршени се 315 инспекциски надзори за контрола на Одлуката на Влада за посебни услови во трговијата на одделни производи со која се замрзнуваат цените со цел да се елиминираат можностите за раст по други основи, а поднесени се 70-тина пријави против трговците.
Соња Рилковска
