Политика

Радев: Европската перспектива на Северна Македонија е стратешка цел за Бугарија

04.05.2022 11:46

Во Софија, под покровителство на бугарскиот претседател Румен Радев, дебата на тема „Гоце Делчев и заедничката историја на Бугарија и Македонија- меѓу фактите и идеологијата“. Дебатата доаѓа 10-на дена пред одржувањето на состанокот на мешовитата историска комисија, закажана за 12-ти и 13-ти мај во Софија.

Европската перспектива на Република Северна Македонија нема алтернатива и е стратешка цел на Бугарија, изјави денеска претседателот на Бугарија Румен Радев. Сепак, нејзината интеграција не може да се случи без претходно да се гарантираат правата на Бугарите во Северна Македонија и да се запре говорот на омраза, додаде Радев.

Радев посочи дека Бугарија сака да ги реши спорните политички прашања со Северна Македонија пред почетокот на преговорите за членство во ЕУ, бидејќи во последните децении има многу случаи во односите во кои бугарската доверба не била оправдана од Северна Македонија.

Промената на Уставот на Северна Македонија и внесувањето на еден збор – Бугари, заедно со другите државотворни народи, во земјата значи дека ја прифаќа европската идеја, изјави Радев.

Според бугарскиот претседател, нерешавањето на политичките прашања меѓу двете соседни земји ја блокира и размената во сите други области.