Европска Унија со дополнителни санкции за Русија
Цел на руските ракетни напади, уништување на транспортната инфраструктура, обвинува Киев. Евакуацијата на цивили од Азовстал е успешна операција, оцени претседателот Зеленски. Украинското обвинителство најавува обвинение против Путин за воени злосторства. Европската унија со дополнителни санкции за Русија..

Додека се прават напори за евакуација на цивилите, руските сили ги засилуваат нападите врз последното упориште во разурнатиот Мариупол. Не запираат гранатирањата и во други делови од Украина. Погодени трафостаници во западен Лавов.
„Има прекини во снабдувањето со електрична енергија. Тешко оштетена е јавната инфраструктура“, изјави Андриј Садови, градоначалник на Лавов.
Мета се украинските упоришта и области со воена опрема – тврди руското Министерство за одбрана.
„Шест трафостаници во областите Подборци, Лавов, Волоњец, Тимково и Пјатихатка, преку кои на украинската група сили во Донбас им се доставуваше оружје од САД и европските земји, беа уништени“, изјави Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.
Над 150 луѓе кои го напуштија Азовстал се на безбедно. Операцијата, Зеленски ја оцени како успешна.
„Беа потребни многу труд, долги преговори и разни посредувања. Во Запорожје пристигнаа 156 луѓе, вклучително и жени и деца. Поминаа повеќе од два месеци во засолништа“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
На Украина ќе и бидат потребни околу 600 милијарди долари за обнова на економијата и инфраструктурата – додаде Зеленски. Додека траат борбите, Европската комисија најави нов, шестки пакет санкции против Москва. Освен целосната забрана за увоз на руска нафта предложени уште неколку мерки.
„Ја тргаме Сбербанк од Сфивт системот-една од најголемите руски банки со околу 37 насто од целиот банкарски сектор. Ова ќе ја зацврсти целосната изолација на рускиот финансиски сектор од глобалниот систем. Забрануваме и три големи руски државни радиодифузери од нашиот етер“, изјави Урсла Фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
Во меѓувреме, Белорусија ненадејно почна големи воени вежби. Се тестира борбената готовност-објавува нивното Министерство за одбрана. Вежбите не претставуваат никаква закана за европската заедница, особено не за соседните земји-тврди ресорното министерство. Но, Киев внимателно следи што се случува.
Бојана Крстевски
