Добрососедство

Радев се жали на меѓународен притисок за укинување на ветото

04.05.2022 13:01

Во Софија, под покровителство на бугарскиот претседател Румен Радев, дебата на тема-„Гоце Делчев и заедничката историја на Бугарија и Македонија-меѓу фактите и идеологијата“. Европската перспектива на Северна Македонија е без алтернатива и е стратегиска цел на Бугарија, рече Радев. Сепак, додава, нема компромис со правата на Бугарите…

Силен меѓународен притисок кој треба да се издржи. Со ваква теза бугарскиот претседател Румен Радев говореше на националната конференција во Софија, насловена како „Европска перспектива за добрососедските односи меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија“. Пред присутните истомисленици се пожали дека официјално Скопје не го исполнува потпишаниот договор од 2017-та, ја блокира работата на историската комисија, а притоа бара секакви механизми за лобирање и притисок врз Бугарија за тргање на ветото.

„Големиот предизвик што стои пред нашето општество е кога Бугарија ќе даде согласност за почеток на процесот на преговори на Северна Македонија. Секогаш сум тврдел дека тоа треба да биде откако ќе се промени Уставот и се впишат македонските бугари на рамноправна основа со другите народи. Зошто мислам дека треба да го направиме претходно? Затоа што имаме веќе многу процеси кои влеаја недоверба кај нас“, изјави претседателот на Бугарија, Румен Радев.

Радев се пожали оти македонските политичари рекле дека ова е тешко остварливо зашто немале две третини во Собранието за да го направат тоа, што за бугарскиот претседател е апсурден изговор, бидејќи, како што рече, членството во Унијата е стратешка цел на државата.

Радев посочи оти војната во Украина се користи како аргумент за брза европска интеграција на Македонија за одржување на стабилизацијата на ЕУ, но посочи оти некои меѓународни партнери не биле свесни за потенцијалот на македонизмот како фактор за можна дестабилизација во Европа. И потпретседателката Јотова беше на иста линија со ставовите околу македонската интеграција.

„Се предлага да се започнат преговорите за Северна Македонија, да поминат меѓувладините конференции, да започнат анализите на Европската Комисија и тогаш ќе имате право да побарате и мониторинг! Тоа е пат кој води кон никаде! За мене е најважно да имаме консолидирана бугарска позиција, таква каква што имаме до овој момент“, вели потпретседателката Илијана Јотова.

Конференцијата се одржува на одбележувањето на денот од смртта на Гоце Делчев, херојот кој е сериозен камен на сопнување за мешовитата историска комисија. Претседателот на комисијата, Димитров обвини дека постои блокада и решение е речиси невозможно заради сомнителното познавање на историјата на неговите македонски колеги.

„Поврзаноста меѓу историја и политика во Северна Македонија се поставени на најтемната рамка. При поставувањето на државноста во 1944 година, новата југославска федерална република всушност немала професионални историчари, немала професионална историографија. Историскиот образ на новиот југославски проект, комунистички проект, со признавањето на македонска нација со вековни и државотворни амбиции и политички продукт и тој станува задолжителен за постигнување на замислената целосна контрола на македонското време и пространство“, изјави Ангел Димитров, претседател на Македонско-бугарската историска комисија.

На конференцијата се упатија критики за како што рекоа, интелектуалците во Бугарија кои се колнат во европските вредности а бараат брза европска интеграција на Македонија. Потенцираа дека Бугарија не дејствува од позиција на сила туку од позиција на вистината. Побараа менување на учебниците по историја и географија, како и отворање на архивите на УДБА.

Катерина Топалова