Научен симпозиум

Нема простор за пазарење со името на Гоце Делчев, историчарите повикаа на обединување

04.05.2022 13:49

Несомнено е дека Гоце Делчев е Македонец. Неговиот лик и дело е наше минато и наша реалност, порака од научниот симпозиум по повод 150 години од раѓањето на великанот. Историчарите повикаа на обединување за, како што велат, да прекине разнебитувањето на државата...

Гоце Делчев е двигател на македонската ослободителна мисла, а неговото загинување е ненадоместлива загуба за севкупното македонско национално дело, истакна историчарот Чакарјаневски на научниот симпозиум посветен на 150-годишнината од раѓањето на Делчев и 119 од неговото загинување. Тој оцени дека колку и да сакаат другите да го присвојат, Делчев секогаш ќе остане Македонец.

„За овој инспиративен македонски лик во денешниве современи текови, нема простор за некои како што тоа сакаат да го направат- за пазарење. И затоа сметам дека никој, посебно некои историски комисии, немаат право и немаат мандат да ја менуваат колективната меморија и тоа да го сместуваат на историското скалило, според некои други“, вели Ѓорги Чакарјаневски, Институт за национална историја.

Во Македонија постои молк и самоцензура во име на создавањето услови за политички дијалог, смета професорката Ванковска. На, таа оцени дека не се организирани доволно настани во чест на Делчев.

„Небаре ако го одбележиме раѓањето и погубјето на нашиот апостол на револуционерната борба, ќе предизвикаме политички последици. Тоа е првата работа што мора да се каже, и колку што јас знам ниту една високо образовна научна институција не се зафати со ваква работа“, изјави Билјана Ванковска, универзитетски професор.

Во пресрет на годишнината од смртта на визионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите, историчари од земјава испратија апел да прекинат разговорите во историската комисија, затоа што како што рекоа, нема поголемо понижување од тоа да се преговара за сопствената историја.

Анита Димитријевска Велковска