Инфраструктура

Ковачевски: Со браната „Конско“ обезбедуваме одржливо земјоделство за зголемено домашно производство на храна

04.05.2022 14:32

Оваа вештачка акумулација е дел од хидросистемот „Гевгелиско поле“ и нејзиното пуштање во употреба ќе значи навремено обезбедување на вода за наводнување за нови 4.000 хектари земјоделски површини.

Премиерот Ковачевски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, денеска ја посетија новата браната „Конско“, којашто е во фаза на изградба. Оваа вештачка акумулација е дел од хидросистемот „Гевгелиско поле“ и нејзиното пуштање во употреба ќе значи навремено обезбедување на вода за наводнување за нови 4.000 хектари земјоделски површини.

„Особено ми е драго што овде на овој капитален објект кој е од огромно значење за југоисточниот регион гледаме дека работите се одвиваат според предвидената динамика и веќе над 80 отсто од изградбата е завршена. Се работи за најголем инфраструктурен проект, каков што немало во изминативе 50 години. Оваа акумулација се очекува позитивно да влијае на регионалниот развој од повеќе аспекти како што се: обезбедување на чиста вода за наводнување на земјоделските површини, развој на риболовство и на туризмот“, изјави премиерот Ковачевски.

Владата ги продолжува инвестициите во инфраструктурни капитални објекти, а со изградбата на браната „Конско“ се става силен фокус на земјоделството, како еден од двигателите на македонската економија.

„Во овие кризни времиња освен со интервентни субвенции земјоделците ги помагаме и со вложувања во капитални инвестиции, кои се со трајни вредности и со кои на долг рок овозможуваме одржливо, но и конкурентно земјоделско производство“, рече премиерот Ковачевски и додаде дека браната, заедно со останатите инвестиции во водостопанството, како што е и изградбата на системите за наводнување се дел од Националниот план за производство на храна.