Годинава забавување на економскиот раст до 2,7 проценти
Годинава забавување на економскиот раст на Македонија до 2,7 насто, а реалниот БДП на ниво од пред пандемијата. Фискалниот дефицит да остане на високо ниво и постепено да се намалува до 2024-та, со јавен долг од 64 проценти од БДП...

Растот на македонската економија ќе забави до средината на годинава, со 2,7 проценти од бруто домашниот производ ќе го достигне нивото пред пандемијата. Светската банка ја корегира првичната проекција од 3,7 насто. Предвидува јавниот долг за две години да достигне 64 насто од БДП. Под притисок на воениот конфликт и зголемувањето на цените на храната и енергенсите да скокне инфлацијата на 5,5 проценти. Предупредува Македонија да го зголеми кредитниот рејтинг за полесно да црпи финансии од меѓународните пазари за покривање на буџетскиот дефицит, Владата да ја стегне фискалната политика со помалку дарежливи субвенции и даночни олеснувања за да не се наруши макроекономската стабилност.
„Македонија припаѓа во групата на земји со мало даночно оптоварување. Проблемот е што имате многу исклучоци поврзани со фирми кои работат во ТИРЗ или на пример данокот за личен доход во ИКТ секторот, што беше воведен минатата година. Сето тоа доведува до ерозија на даночната основа и ова не би било проблем ако немате притисок во делот на трошењето“, рече Маџаревиќ-Шујстер.
Владата да го стегне ременот, да се воздржи од зголемување на даноците, да ја подобри наплатата, наменски да ги троши парите од касата. Светската банка препорачува на среден рок, земјава да ја решава високата невработеност кај младите, растечката сиромаштија, корупцијата и ниската продуктивност. Да обезбеди понасочена поддршка на домашната економија.
„Мерките како намалување на данокот на додадена вредност треба да бидат временски ограничени. Мислам дека во случајот со Македонија има краен рок, меѓутоа ваквите мерки доста е тешко да се запрат. Кога луѓето ќе се навикнат дека стапката на ДДВ е 5 наместо 18 проценти, многу тешко е да се вратите на 18 проценти“, вели Сања Маџаревиќ-Шујстер, виш економист на Светска банка и ко-автор на извештајот.
За Вашингтонските економисти, фиксниот курс на денарот е добро позициониран, нема потреба да се менува со оглед дека монетарната власт е добро поставена и има ликвидност. Растот на БДП во регионот достигна 7,4 насто во 2021-тата со тенденција на намалувањето од 3,2 пред две години.
Поради неизвесноста околу траењето на руско-украинскиот конфликт светските банкари најавија дека дополнително ќе ги ревидираат проекциите за раст на економиите до крајот на годинава.
Сузана Фиданска Стоевска
