Македонски дела ќе се преведуваат на странски јазик
Самата издавачка куќа го врши изборот. Издавањето на овие дела ќе се одвива на еден висок издавачки просек...
Романите „Патот на јагулите“ на академик Луан Старова, „Храпешко“ на Ермис Лафазановски и „Трите века“ од Саво Костадиновски се првите дела што ќе се преведат во рамки на Конкурсот за финансирање преводи на репрезентативни и квалитетни дела од македонската литература на другите странски јазици. Ова денеска го изјави претседателот на стручната комисија по разгледувањето на 18-те пристигнати пријави на Конкурсот, Нове Цветаноски.
Тој информира дека поддржани се проектите „Патот на јагулите“ на академик Луан Старова на руски јазик, во издание на издавачката куќа „Рудомино“ од Москва, а во превод на Олга Панкина, романот „Храпешко“ на Ермис Лафзановски на руски јазик, исто така во превод на Олга Панкина, во издание на истата издавачка куќа. Третиот поддржан проект е „Храпешко“ на полски јазик во превод на Анета Тодевска, во издание на издавачката куќа „Точка“ од Полска, како и „Трите века“ од Саво Костадиновски на германски јазик во превод на македонистот, преведувач и пријател на Македонија Волф Ошлиц во издание на издавачката куќа „Литературно ателје“ од Келн.
Старова смета дека иницијативата на странските издавачи и Министерството за култура за објавување автори од македонската литература претставува мост меѓу двете земји и настан бидејќи, како што рече, првпат се соочуваме со ваков вид издавање на литературата.
„Самата издавачка куќа го врши изборот. Издавањето на овие дела ќе се одвива на еден висок издавачки просек и ќе биде настан за двете литератури и култури“, истакна Старова.
