ММФ ни прогнозира економски раст од 3,2 процента
Меѓународниот монетарен фонд во својата најнова прогноза и предвидува раст од 3,2 процента на македонската економија. Од регионот само Косово ќе забележи поголем економски раст од нас – сметаат монетарците. Забавувањето на брзорастечките економии, како и тензиите околу Украина се главните ризици по глобалното економско закрепнување...

Економијата годинава ќе расте за 3,2 процента. Најновите оценки на монетарците ги потврдија владините очекувања. Споредено со јануарските проекции има нагорна корекција, бидејќи тогаш ММФ ни предвидуваше раст на БДП од 3 проценти. В година македонската економија би пораснала за 3,4 насто, а до 2019 и 4 проценти. За економистите нема дилеми – зголемените средства во Буџетот за 20 проценти наменети за капитални инвестиции, и реализацијата на крупните инфраструктурни проекти, ќе ја повлечат напред македонската економија.
„Сметам дека во услови кога имавме забрзан раст на капиталните инвестиции и на градежништвото, кое е и најпропулзивна гранка за македонската економија, сметам дека меѓу 3 и 3,5 проценти раст е остварливо за македонската економија во тековната година“, изјави Зоран Ивановски, универзитетски професор.
Стапката на невработеност,според Државниот завод за статистика, изнесува 28,6 проценти – историски најниска досега. Во прогнозите на ММФ догодина таа дополнително ќе се спушти на 28 проценти, а во 2018-та и на 25,9.
Според прогнозите на монетарците, светската економија годинава ќе расте со стапка од 3,6 насто, а европската со 1,7.
Споредено со регионот, повисок економски раст од нас ќе има само Косово (3,9 насто), додека другите земји ќе бележат стапки на раст пониски од 3 проценти.
Мартин Пушевски
