Блокирана индустриската зона „Азовстал“, се преземаат мерки за заштита на цивилите
Белорусија почна воени вежби, но Минск тврди дека не се заканува никому, туку ја проверува борбената готовност. Сепак, Киев порача дека внимателно ја следи ситуацијата. Русија продолжува да ја ракетира транспортната инфраструктура на Украина, погодени се цели во повеќе градови. Зеленски проценува дека за обновата на земјата ќе бидат потребни 600 милијарди долари. Европската унија со нови санкции за Москва...

Новите сателитски снимки покажуваат дека во тек се борби во опколената челичарница во украинскиот пристаништен град Мариупол. Кремљ негира дека руските сили се обидуваат да упаднат во „Азовстал“. Рускиот министер за одбрана изјави дека украинските борци заробени во челичарницата се блокирани.
„По наредба на Врховниот командант блокирана е индустриската зона „Азовстал“. Се преземаат мерки за заштита на цивилите и безбедна евакуација“, изјави Сергеј Шојгу – министер за одбрана на Русија.
Над 150 луѓе кои го напуштија „Азовстал“ се на безбедно. Операцијата, Зеленски ја оцени како успешна.
„Беа потребни многу труд, долги преговори и разни посредувања. Во Запорожје пристигнаа 156 луѓе, вклучително и жени и деца. Поминаа повеќе од два месеци во засолништа“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.
Во меѓувреме не запираат гранатирањата и во други делови од Украина. Мета на нападите биле украинските упоришта и области со воена опрема. Уништена е инфраструктура преку која на украинските сили во Донбас им се доставувало оружје.
„Непријателот продолжува да спроведува офанзивни операции во Источната зона со цел да воспостави целосна контрола на регионите Доњецк и Луганск и да одржува копнен коридор со привремено окупираниот украински Крим“, рече Олександар Штупун – портпарол на вооружените сили на Украина.
Додека траат борбите, Европската комисија најави нов, шести пакет санкции против Москва. Освен целосната забрана за увоз на руска нафта предложени уште неколку мерки.
„Ја тргаме Сбербанк од СВИФТ системот, една од најголемите руски банки со околу 37 насто од целиот банкарски сектор. Забрануваме и три големи руски државни радиодифузери од нашиот етер“, соопшти Урсула Фон Дер Лајен – претседателка на Европската комисија.
Портпаролот на Кремљ вели дека граѓаните на западните земји веќе плаќаат висока цена поради антируските санкции.
„Ова е оружје со две острици. Додека се обидуваат да ни направат штета, тие се соочуваат со плаќање висока цена. Цената на санкциите за европските жители ќе се зголеми за ден“, вели Дмитриј Песков - портпарол на Кремљ.
Според првичните проценки, на Украина ќе и бидат потребни околу 600 милијарди долари за обнова на економијата и инфраструктурата.
Маријана Димовска
