Воен конфликт

Мариупол под опсада

05.05.2022 09:44

Жени и деца и натаму заробени во Мариупол. Русија најави прекин на огнот за евакуација на цивилите од челичарницата Азовстал. Украинскиот претседател Зеленски предупреди – ќе биде потребна тешка механизација за излекување на цивилите заробени во бункерите под фабриката...

Повеќе од 300 цивили пристигнаа во Запорожје од Мариупол и околните области по новата операција координирана од Меѓународниот комитет на Црвениот крст и Обединетите нации. Украинскиот претседател вели дека е потребна тешка механизација за да се извлечат луѓето од подземните засолништа, но тоа не е возможно за време на борбите.

„Заврши втората етапа од нашата операција за евакуација од Мариупол. Вкупно 344 луѓе беа спасени од градот и околината. Нашиот тим се подготвува да им излезе во пресрет, на ист начин како како и на претходните 150 луѓе кои успеаја да го напуштат Азовстал. Сите ќе ја добиваат потребната помош. Сите ќе добијат најгрижлив однос од нашата држава“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Во Мариупол сè уште има цивили, жени, деца. Русија најави прекин на огнот со цел да се евакуираат цивилите од челичарницата „Азовстал“. Претходно украинските власти потврдија дека вчера бил спроведен целосен напад на последното упориште на украинските борци во Мариупол.

„Горд сум на моите војници што вложија натчовечки напори да го спречат нападот на непријателот. Му благодарам на целиот свет за огромната поддршка од гарнизонот Мариупол. Ситуацијата е исклучително тешка, но ние продолжуваме да ја извршуваме наредбата да ја задржиме одбраната и покрај се“, изјави потполковник Денис Прокопенко, командант на Азовскиот полк.

И додека траат борбите Европската комисија втор ден дискутира за нови шести пакет санкции против Москва. Портпаролот на Кремљ вели дека граѓаните на западните земји веќе плаќаат висока цена поради антируските санкции.

Маријана Димовска