Ден на македонскиот јазик
Денеска се одбележува 5-ти мај, денот на македонскиот јазик. На овој ден во 1945-тата година од минатиот век, усвоена е Азбуката на македонскиот јазик. Се одбележуваат и 60 години и од отворањето на првиот лекторат во светот...

Со неколку настани денеска ќе биде одбележан Денот на македонскиот јазик – 5 Мај, кој беше прогласен во 2019-та година со одлука на Владата.
На овој ден во 1945-та година, со Решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7-ми јуни 1945-та, е усвоен и правописот на македонскиот јазик. Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со основоположничките дела на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.
Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ за Денот на македонскиот јазик денеска ќе организира настан на кој гости ќе бидат студентите по македонски јазик и македонска книжевност од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и од Универзитетот во Тетово, како и учениците од СУГС „Никола Карев“ – Скопје. Излагање на тема „Местото на македонскиот јазик во балканскиот јазичен простор“ ќе има проф. д-р Веселинка Лаброска, а избрани извадоци од македонската литература ќе чита актерот Васил Зафирчев.
Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, пак, ќе го организира настанот „Лексикографски факти во НУБ – од Пулевски до денес!“ Лексикографскиот развој на македонската авторско-истражувачка и издавачка продукција ќе биде претставена преку изложба на речници од Пулевски до денес.
Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ исто така денеска ќе го одбележи Денот на македонскиот јазик, а издавачката куќа „Арс Ламина“ на Саемот на книгата ќе организира промотивен настан „Македонски книжевни класици – Подарок за поколенијата!“ – осврт на најзначајните творци на македонската книжевност, меѓу кои Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Оливера Николова, Ѓорѓи Абаџиев, Димитар Солев.
