Пендаровски: Обврската да го чуваме и негуваме македонскиот јазик не е само долг кон нашите предци, туку и кон нашите потомци
Не помалку лесна е и денес, исправени пред нови, наметнати предизвици, но во духот на европските вредности и нашето начело да ги почитуваме различностите, ќе продолжиме да го истакнуваме нашето свето обележје, нашата инаквост, нашиот идентитетски стожер, вели шефот на државата...

Обврската да го чуваме и негуваме македонскиот јазик не е само долг кон нашите предци, туку и кон нашите потомци, кон културното наследство на човековата цивилизација и влог во нашата единствена татковина, како дел од европскиот културен простор, нагласува претседателот на државата, Стево Пендаровски, во пораката по повод 5 мај – Денот на македонскиот јазик.
„Денес оддаваме почит на нашата особеност, на нашиот идентитетски темел и лингвистичка гордост – македонскиот јазик. Јазикот на Конески, Шопов, Јаневски и на сите творци на македонската литературна реч е огледало на самобитноста. Тој е и наше основно човеково право, право на самоопределување и самоизразување. Mакедонскиот јазик, афирмиран во светот, има сопствено место во словенското јазично семејство, благодарение на генерациите пред нас кои нѐ задолжија да го негуваме преку неговото писмо, кое токму денеска го чествуваме. Не смееме никогаш да ја забораваме борбата на нашите предци за докажување на посебноста на македонскиот јазик и за правото на неговата употреба која била тешка и исцрпувачка“, вели Пендаровски во пораката.
Не помалку лесна е и денес, исправени пред нови, наметнати предизвици, но во духот на европските вредности и нашето начело да ги почитуваме различностите, ќе продолжиме да го истакнуваме нашето свето обележје, нашата инаквост, нашиот идентитетски стожер. Вековната писмена традиција што нам ни ја оставија, претставува најголемото сведоштво за посебноста на македонскиот јазик- нагласува шефот на државата.
