Прекин на огнот за воспоставување хуманитарни коридори
Русија најави прекин на огнот за евакуација на цивилите од челичарницата Азовстал. Украинскиот претседател Зеленски предупреди – ќе биде потребна тешка механизација за излекување на цивилите заробени во бункерите под фабриката...

Русија вети тридневен прекин на огнот во одредени временски интервали и најави воспоставување хуманитарни коридори, но Украина јавува за нови копнени и воздушни напади врз последното упориште на украинските борци во Мариупол.
„Главните напори на руските окупатори се насочени кон блокирање и обид за уништување на нашите единици во Азовстал. Со помош на авијацијата противникот ги обнови нападите. Непријателот ја загуби контролата над неколку населени места на границата на регионите Миколаев и Керсон“, изјави Олександр Штупун, портпарол на Генералштабот на вооружените сили на Украина.
Претходно повеќе од 300 цивили од стратешкиот пристаништен град на Азовско Море пристигнаа во Запорожје.
„Заврши втората етапа од нашата операција за евакуација од Мариупол. 344 луѓе беа спасени од градот и околината. Нашиот тим се подготвува да им излезе во пресрет, на ист начин како како и на претходните 150 луѓе кои успеаја да го напуштат Азовстал“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Не стивнуваат гранатирањата и во други региони на Украина. Најмалку 25 цивили се повредени во ракетен напад врз Краматорск, Доњецк. Од Донбас, локалните власти известуваат за голем број загинати и ранети меѓу цивилното население. Нападната и железничката инфраструктура во Дњепар. Од Руското Министерство за одбрана потврдија дека погодиле шест украински воени цели, ракетни лансери, три авиони и 14 беспилотни летала на украинските сили, убиени над 600 украински војници.
„Оперативно-тактичката и армиската авијација на руските воздушни сили погоди 93 области со украинска воена опрема. Високопрецизните проектили на руските воздушни сили уништија воздухопловна опрема, големо складиште за муниција и објект за складирање гориво во областите Миколаев и Краматорск“, изјави Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.
И додека траат борбите во Европската Комисија втор ден дискусија за нови, шести пакет санкции за Москва. Унгарија и неколку други членки кои во голема мера зависат од рускиот увоз на енергија се против. Од Кремљ велат дека граѓаните на западните земји веќе плаќаат висока цена поради антируските санкции.
Маријана Димовска
