Ден на македонскиот јазик

Македонскиот јазик- столб на македонскиот идентитет и наследство

05.05.2022 12:29

Јазикот е нашата единствената татковина, сè додека го чуваме и негуваме ќе можеме да сметаме дека ја имаме татковината, вака за јазикот говореше великанот Блаже Конески. Денес се одбележува 5-ти мај, Денот на македонскиот јазик. Од Институтот со порака-да се чува и заштитува македонскиот јазик – најбитен за изразувањето на националниот идентитет…

Македонскиот јазик е единствен и уникатен по сите свои обележја и е најважниот столб на македонскиот идентитет и наследство. Затоа, не смее да се дозволи негово омаловажување или негирање, посочи во своето излагање доктор Веселинка Лабровска. Властите мора да инсистираат за создавање образовен кадар за да не се случи да нема кој да го говори, бидејќи сега сè повеќе меѓу нашите деца без разлика на нивната етничка припадност може да се слушне сè повеќе англискиот јазик како подготовка за работа во некоја друга земја, додаде Лабровска.

За што поскоро донесување на Законот за македонски јазик, како и за нови вработувања во Институтот, повика директорката на институцијата, Јованова- Грујовска.

Грижата за јазикот не изостанала и тоа нема да се случи никогаш. Македонскиот јазик е нишката на поврзување меѓу сите заедници во земјава и напорите за негова заштита се суштински, посочи заменик-министерот за образование Алиу.

Од Филолошкиот факултет во Скопје изразија задоволство што после три децении се формирани соодветни катедри за македонски јазик, книжевност и култура. Во оваа пригода, свои стихотворби изрецитираа студентите од Катедрата за македонски јазик при Тетовскиот универзитет и средношколци.

Фиљана Кока