Спасовски: Полесно ќе ја одбраниме Европа од криминалот ако бидеме дел од Унијата
Состанок на директорите на полициите од регионот во Скопје. Соработката во безбедносните прашања, миграцијата, војната во Украина, во фокусот на разговорите…

Присуството на извршниот директор на Европол и извршниот директор за полициски служби на Интерпол, како и силниот одзив, јасно и гласно зборува за нашата посветеност, верба и решителност во регионалната соработка, размената на полициски информации и најважно од сè – меѓусебната доверба. Ова беше кажано на Регионалниот состанок на директори на полициски служби од Западен Балкан, Хеленската Република, Република Бугарија и Италијанската Република, што два дена се одржува во Скопје. Министерот Спасовски нагласи дека и покрај сите предизвици со кои се соочувала земјата, борбата со организираниот криминал била секогаш од најголем интерес.
Организираниот криминал не познава граници, тој е во постојано движење, а обезбедувањето на сигурна и безбедна средина за живеење за нашите граѓани може да се реализира единствено преку постојано зајакнување на заедничката оперативна соработка, нагласи директорот на Бирото за Јавна безбедност (БЈБ) Сашо Тасевски.
Македонија во 1993 година стана полноправен член на Интерпол, дел сме од Центарот за соработка во областа на спроведување на законот на Југоисточна Европа, од 2006 година започнавме активности за воспоставување договорни односи со Европол, а подоцна го потпишавме и Договорот за оперативна и стратешка соработка.
„Во последниве години бројни иницијативи во регионот беа водени заеднички, мигрантите, трговијата со дрога и со бело робје. Горда сум што Европол имаше активна улога со земјите од Западен Балкан во сузбивањето на овие иницијативи“, изјави Кетрин Де Бол, извршна директорка на Европол.
„Од исклучително значење е да разговараме за нашата заедничка одговорност за опасностите и заканите што не демнат сите нас. Мораме да работиме заедно и постојано да бидеме подготвени за ништо да не нè изненади“, вели Виторио Рици, заменик генерален директор за јавна безбедност на Италија.
Западниот Балкан останува важна точка за меѓународната заедница.
Катерина Топалова
