Ковачевски: Нема потреба да разговараме за избори, блокадата на Собранието е неодговорно однесување
Блокадата на Собранието е неодговорно однесување, не е време за предвремени избори, премиерот Ковачевски му одговори на Мицкоски на барањето за лидерска. Од СДСМ велат-на деструкциите и блокадите не им е местото во Собранието. Условите се дадени, на потег е власта, децидни од ВМРО-ДПМНЕ. Доколку нема лидерка, од 10-ти мај опозицијата почнува со активна блокада на Собранието…

Политички ќорсокак во кој власта и опозицијата се обвинуваат за закани и уцени. Премиерот Ковачевски не прифаќа средба со Мицкоски. Нема потреба, вели тој, да разговараме за предвремени парламентарни избори. Вели блокада на Собранието е неодговорно однесување на опозицијата која сè уште добива наредби од Груевски. Ковачевски смета дека во услови на криза, блокадата на законодавниот дом е најлошото нешто, но тоа ВМРО-ДПМНЕ го правеле и во изминатиот период.
ВМРО-ДПМНЕ многу пати во изминативе сто дена повикуваше на заедништво, и дијалог за проблемите, и за одржување на предвремени парламентарни избори, вели лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Ако се навистина толку јаки, и велат дека народот ги сака, тие ќе нè декласираат на предвремени избори и ќе имаат чист мандат од четири години да ги спроведат, посочува Мицкоски.
Клучната политичка битка ќе се води во Собранието. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе блокира со амандмани. Социјалдемократите реагираат за стопирање на важни закони за граѓаните.
Во албанскиот блок партии, БЕСА го поддржува „филибастерингот“, а Алијанса и Алтернатива се за институционално делување.
Миле Ристески
