Македонија

Одбележан Денот на македонскиот јазик

05.05.2022 16:32

„Јазикот е столбот на нашиот идентитет и наследство, не смее да се дозволи негово омаловажување или негирање“ – порака од одбележувањето на Денот на македонскиот јазик …

„Кога се говори за важноста на македонскиот јазик во изразувањето на македонскиот национален идентитет, тие две категории се нераскинливо поврзани“ вели професорот македонист Људмил Спасов.

Според него, тоа особено доаѓа до израз кога сè посилно доаѓаат загрозувања и негации од надворешно-политички карактер.

„Како Совет за македонски јазик, кога предложивме одбележување на Денот на македонскиот јазик, сакавме во него да се препознае и континуитетот на словенската писменост на почвата на Македонија, која се развивала од 9-ти век, се негувала и од која низ вековите се создала традиција што е темелот на денешниот стандарден македонски јазик“, вели Људмил Спасов, професор на Филолошкиот факултет.

Министерот за образование и наука Шаќири, истакна дека македонскиот народ преку силата на зборот го одржувал жив јазикот на нивните предци за да го предадат во аманет на нивните наследници.

„Негувањето, заштитата и афирмацијата на македонскиот јазик може да се издига само преку цврстите темели што ги поставува образованието“, вели Јетон Шаќири, министер за образование и наука.

Македонскиот јазик со својата посебност е признаен во целиот свет. Впишан во личната карта на нашата држава во големото семејство на Обединетите нации, велат од Владата.

„На овој мал простор, во некои краеви, со различни локални наречја едвај би се разбрале од прва. Затоа ни беше неопходен Блаже Конески, ова наше јазично богатство, како база, да го кодифицира, да го преточи во современ, литературен македонски јазик“, рече Бисера Костадиновска Стојчевска, министерка за култура.

„Оваа Влада искрено и силно е посветена на негувањето и унапредувањето на македонскиот јазик, бидејќи нашиот јазик е нашиот национален и културен идентитет“, рече премиерот Ковачевски.

Претседателот Пендаровски упати порака во чест на денот на македонскиот јазик. Јазикот на Конески, Шопов, Јаневски и на сите творци на македонската литературна реч е огледало на самобитноста. Тој е и наше основно човеково право, право на самоопределување и самоизразување, се вели во пораката на шефот на државата.

Игор Панов