Земјоделие

Оглас за набавка на силоси

06.05.2022 07:25

Земјоделците кои сакаат да инвестираат во силоси за житни и за индустриски култури можат да побараат финансиска поддршка од платежната агенција. За чување на добиточната храна право на овие субвенции имаат и сточарите. Објектите треба да се со капацитет до 25 тони. Пријавувањето е електронски и ќе трае до 20-ти мај...

Со финансиска поддршка од 50 до 75 проценти од вкупната вредност на инвестицијата ќе бидат поддржани производителите на житни култури кои планираат набавка на силоси за складирање на житни и индустриски култури, односно, јачмен, овес, ’рж, тритикале и пченка.

Вкупните прифатливи трошоци по корисник изнесуваат до еден милиони денари, а парите ќе се исплаќаат по принципот на ко-финансирање. Силосите треба да се со капацитет до максимум 25 тони.

За чување на добиточната храна право на овие субвенции имаат и сточарите. Сточарската фарма треба да е регистрирана во агенцијата за храна и ветеринарство и во министерството за земјоделство.

Апликациите се пополнуваат електронски со податоци за инвестицијата и за локација, потоа се печатат и заедно со потребната документација се доставуваат во платежната агенција. Барањата се бодуваат, а оние со ист број бодови се рангираат според времето и датумот на поднесувањето.

Земјоделците можат да поднесат само едно барање за една мерка или најмногу 2 од другите мерки од програмата за рурален развој. Јавниот повик трае до 20-ти мај.

Методија Трајков