Лекарите од дијаспората сакаат да му помогнат на македонското здравство
Австралија и не е толку далечна како што се чини, кога луѓе со искрени намери ќе се поврзат и ќе соработуваат. Еве како еден лекар македонец од Австралија создаде професионален и пријателски мост меѓу лекарите од двете земји, па и меѓу сите доктори македонци низ светот...

Никогаш далечината не била толку близу. Кога луѓето се поврзуваат духовно, професионално, кога и покрај разликите ќе се најдат заеднички точки, тогаш има цврста врска што спојува два света, различните гледишта прават можност за избор, а знаењата се надополнуваат. Ете така настана и ИММСОК- Меѓународното македонско лекарско здружение што ги обединува сите лекари-Македонци низ светот-Австралија, Америка, Канада, Европа... Му претходеше Австралиско -македонското лекарско друштво. А за се е заслужен хирургот-оториноларинголог,д-р Зоран Бечваровски кој со невидена позитивна енергија се труди да ги изгради и одржи мостовите меѓу корените и остатокот од планетата. Тој е претседател на здружението, а американскиот континент го обединува потпретседателот Борис Каранфилов од Охајо.
„Ова ќе даде една шанса за размена на лекари за обука, но и полесно лекување на пациенти Македонци во друга држава. Научно е докажано дека лекувањето е поуспешно ако се разберат на мајчиниот јазик“, вели д-р Зоран Бечваровски- оториноларинголог- хирург во приватната болница Сент Џорџ од Сиднеј.
Пратеникот во Австралискиот Парламент-Нов Јужен Велс, Хоноребл Шакет вели дека ова е знацајна соработка- „Оваа организација која докторите неодамна ја основаа е многу значајна за меѓусебните односи на докторите од Австралија и од Македонија. Ова ја зајакнува нивната врска, а придобивките од неа допрва ќе се видат. Ќе се изгради здрава соработка меѓу професионалните заедници. Создавањето на оваа поврзаност, што ќе биде основа на натамошната соработка, ќе создаде не само институционална туку и лична соработка меѓу докторите. Јас ја поддржуваам оваа асоцијација и многу се гордеам што сум нејзин член.“
Иако е роден во Сиднеј, д-р Бечваровски не го заборава мајчиниот јазик, активно работи за македонската дијаспора и ги отвора вратите за сите Македонци, но и за неговите сограѓани во Австралија.
„Кога за првпат по 33 години се вратив во Македонија, се заљубив во Македонија. Толку ме одушеви што не можам да дочекам пак да се вратам. На сите мои колеги тука им кажувам колку е убава Македонија.Јас ја доживувам како втор Ерусалим...кога им кажувам на колегите дека черешните во Македонија се олку големи и јаболката се големи... и други работи, и сега има врвни специјалисти заинтересирани за Македонија, сакаат да дојдат,а тогаш ќе се заљубат во Охридското Езеро и ќе сакаат пак да дојдат во Македонија“, вели оториноларингологот д-р Бечваровски.
Д-р Бечвароски го направи и мостот- македонските лекари да се доусовршуват во австралиските болници. Четворица искусни македонски специјалисти, невро, кардио и општи хирурзи еден месец учеа нови методи од нивни врвни колеги во австралиските болници. Еве какви се впечатоците на првите луѓе на Болницата „Сент Џорџ“ во Сиднеј, што ги регистрираше камерата на снимателот Здравко Петрушевски.
Директорот на Клиничкиот сервис „Сент Џорџ Хоспитал“-Сиднеј, Австралија, д-р Мартин Маркетичвели дека е задоволен од соработката.
„Се надевам дека докторите што беа тука уживаа и се задоволни од работата. Се стекнаа со искуство што ќе им користи во натамошната работа. Тоа беше првпат. Научивме многу, што е добро,што може да се направи подобро наредниот пат и се надевам дека размената на искуства во иднина може да биде корисна за сите. Ние би биле среќни кога би имале македонски доктори во „Сент Џорџ“ и отворени сме за долгорочна соработка со лекарските здруженија.“
И непосредниот домаќин на нашите доктори хирургот д-р Михаел Талботод болницата Сент Џорџ вели дека соработката била многу корисна. „Поминавме многу време заедно тука, и во државната и во приватната болница „Сент Џорџ“. Работевме долго време со пациентите. Ги споредувавме начинот на работа и пристапот кон пациентите во Македонија и во Австралија. Овде опремата е многу понапредна, но и кај вас веќе навлегува модерната технологија, имате дел од апаратите,но треба уште да се стекне искуство за да се работи со нив. Се надевам дека докторите што беа овде и работеа со современите машини ќе го пренесат своето искуство во својата земја. Уживавме во времето, најдовме одговори на многу корисни прашања.“
Д-р Бечваровски вели дека овие лекари имаа шанса да гледаат како се дијагностицира пациентот пред операцијата, за време на операцијата, како и пост- оперативниот третман, како закрепнува пациентот и како се третираат некои компликации.
Граѓаните на Австралија имаат добар пристап и до јавното и до приватното здравство раскажува директорот на Клиничкиот сервис „Сент Џорџ Хоспитал“, д-р Маркетич.
„Системот со јавните болници и други здравствени установи во Австралија има големо значење, многу се цени. Во јавното здравство сите трошоци ги покрива Владата или државата. Сто проценти. Во приватниот систем дел од услугите се наплатуваат преку осигурувањето на клиентите, дел ги плаќа државата, но исто така се случува пациентите сами да си ги намират трошоците. Јавниот сектор е поголем, но приватниот сектор во последните 5-10 години забележа голем напредок и раст, посебно во делот на хирургијата. Денес најчесто хируршките интервенции се прават во приватните болници.Особено итните случаи...Во приватниот сектор здравствениот фонд покрива дел од трошоците,но некогаш има дополнителни давачки за пациентот. Во некои случаи и државата доплатува, но сепак генералнонајголемиот дел од трошоците ги покрива здравствениот фонд и осигурувањето на пациентот.“
Д-р Бечвароски ја потврдува и разликата во листите на чекање во приватните и во државните болници.
„Нема многу чекање во приватните болници, додека во државните тоа е многу, многу подолго. Оние што се итни случаи не чекаат воопшто.Тие се приоритетни. Државниот систем е многу јак. Ги зема навреме на лекување,но тие што не се ургентни ,на пример за операција на колк или нога, може да се чека година или две. Или за тонзилектомија на пр.може да се чека една година, а во приватните болници најмногу една недела.“
Д-р Бечвароски, које ценет и угледен граѓанин на австралиското општество, борец за промовирање на Македонија на секој начин, помага и непосредно. Тој неодамна донираше апарати за прегледување и за микроскопска хирургија во областа на оториноларгологијата во Охридската и во Битолската клиничка болница. Апаратот Фибероптик го користат врвните австралиски и американски болници.
За овој мост на соработка што го изгради д-р Бечвароски доби Орден за заслуги од претседателот Ѓорѓе Иванов, а сопругата на претседателот Маја Иванова стана покровител на оваа асоцијација.
Соња Стојановска
