Нов конвој за евакуација од „Азовстал“
Денес се очекува нов конвој на Обединетите нации за евакуација на последните цивили од челичарницата „Азовстал“ во Мариупол, последното упориште на украинскиот отпор. И натаму се водат борби во урнатата фабрика. Украинскиот претседател Зеленски побара и медицинска помош, бидејќи во руските напади биле уништени стотици болници, а нема и лекови...

Денес се очекува нов конвој на Обединетите нации да ги евакуира последните цивили од фабриката за челик „Азовстал“ во Мариупол, последното упориште на украинскиот отпор. Во операцијата е вклучен и Меѓународниот комитет на Црвениот крст.
„Уништувањето на цивилната инфраструктура го карактеризира овој конфликт. Нападнати се станбени згради, училишта и болници во населени места, а тоа не смее да биде така. Над 13 милиони Украинци беа принудени да ги напуштат своите домови, од кои 7,7 милиони се раселени внатре во Украина. Животите се откорнати, распарчени и никогаш повеќе нема да бидат исти. Конвојот е на пат кон Азовстал“, изјави Мартин Грифитс, заменик-генерален секретар за хуманитарни прашања.
Рускиот претседател Путин потврди дека руската армија е подготвена да обезбеди евакуација на цивилите. Според портпаролот на Кремљ, Песков, руската армија го почитува прекинот на огнот во фабриката и дека хуманитарните коридори околу „Азовстал“ функционираат.
Украинскиот претседател Зеленски соопшти дека во руската инвазија биле уништени стотици болници и други институции, и дека на многу места недостигаат дури и основните лекови.
„Ако се земе предвид само медицинската инфраструктура, до денес, руските војници уништиле или оштетиле речиси 400 здравствени установи: болници, породилишта, клиники. Повеќе од 150 луѓе од Азовстал и повеќе од 300 луѓе од Мариупол и неговите предградија, кои беа евакуирани од хуманитарниот коридор оваа недела, веќе ја добиваат сета помош што им е потребна“, изјави претседателот Зеленски.
„Не се сеќавам кој ден од војната е, а луѓето умираат, некои од куршуми, од глад. Ранетите умираат од недостаток на лекови и ужасни услови. Немаме време и не знам дали имаме утре“, вели лекари од „Азовстал“.
Американските медиуми објавија дека САД обезбедиле разузнавачки информации што ѝ помогнале на украинската војска да го потопи рускиот брод „Москва“. Според руското министерство за одбрана, пак, бродот потонал откако пожар предизвикал експлозија на муницијата.
Марина Ристова
