МЗТ убедлив против Пелистер, се изедначи на врвот на табелата
Вечерашната средба беше изедначена само во првите три минути, по што аеродромци со осум поени во низа дојдоа до 15-7 и го најавија крајниот епилог. Како одминуваше средбата, растеше предност на сино-белите, за потоа, во финишот од втората и стартот од третата четвртина со серија 14-2 да дојдат до огромни плус 21 (58-37), со што ги урнаа надежите на гостите дека би можеле повторно да изненадат во Аеродром.

МЗТ Скопје ја оствари првата победа во три средби против Пелистер во домашното првенство оваа сезона. Славеше со 95-76, со што дојде до скор од 23-4 во победи и порази или 50 бода, колку што има и Пелистер. Тоа значи дека дуелот во Битола, во последното, 10. коло од оваа суперлигашка фаза ќе решава кој ќе биде прв и кој би ја имал предноста на домашен терен во плеј-офот, ако претходно некој не киксне попатно.
Вечерашната средба беше изедначена само во првите три минути, по што аеродромци со осум поени во низа дојдоа до 15-7 и го најавија крајниот епилог. Како одминуваше средбата, растеше предност на сино-белите, за потоа, во финишот од втората и стартот од третата четвртина со серија 14-2 да дојдат до огромни плус 21 (58-37), со што ги урнаа надежите на гостите дека би можеле повторно да изненадат во Аеродром.
Немања Милошевиќ со 17 поени и девет скока и Хуан Дејвис со 16 поени и пет скока беа првите имиња кај МЗТ Скопје, додека двоцифрен поентерски ефект имаа уште Роберт Рикиќ со 13 и Дамјан Стојановски со 12 поени. Никола Малешевиќ со 17 и Игор Кесар со 15 поени беа најпрецизни кај Пелистер.
Во вториот вечерашен дуел, последен од петтата суперлигашка рунда, Гостивар го совлада ТФТ (92-85) и ептен ја направи интересна борбата за третата и четвртата позиција, кои водат во доигрувањето за титулата.
