Нападите продолжуваат, обиди за евакуација на цивили од Азовстал
Рускиот претседател Путин потврди дека руската армија е подготвена да обезбеди евакуација на цивилите. Според портпаролот на Кремљ, Песков, руската армија го почитува прекинот на огнот во фабриката и дека хуманитарните коридори околу Азовстал „функционираат“.

Денеска се очекува нов конвој на Обединетите нации да ги евакуира последните цивили од фабриката за челик Азовстал во Мариупол, последното упориште на украинскиот отпор. Во операцијата е вклучен и Меѓународниот комитет на Црвениот крст.
„Уништувањето на цивилната инфраструктура го карактеризира овој конфликт. Нападнати се станбени згради, училишта и болници во населени места, а тоа не смее да биде така. Над 13 милиони Украинци беа принудени да ги напуштат своите домови, од кои 7,7 милиони се раселени внатре во Украина. Животите се откорнати, распарчени и никогаш повеќе нема да бидат исти. Конвојот е на пат кон Азовстал“, вели Мартин Грифитс, аменик-генерален секретар за хуманитарни прашања.
Рускиот претседател Путин потврди дека руската армија е подготвена да обезбеди евакуација на цивилите. Според портпаролот на Кремљ, Песков, руската армија го почитува прекинот на огнот во фабриката и дека хуманитарните коридори околу Азовстал „функционираат“.
Во меѓувреме портпаролот на Министерството за одбрана изјави дека руските воздушни сили извршиле напад врз голем магацин за муниција во Краматорск.
„Еден тактички ракетен систем „точка-у“ на украинските вооружени сили е уништен во близина на регионот Запорожје. Покрај тоа, погодени се и 10 упоришта, области на концентрацијата на работна сила и воена опрема на вооружените сили на Украина“, изјави Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.
Украинскиот претседател Зеленски соопшти дека во руската инвазија биле уништени стотици болници и други институции, и дека на многу места недостигаат дури и основните лекови.
„Ако се земе предвид само медицинската инфраструктура, до денес, руските војници уништиле или оштетиле речиси 400 здравствени установи: болници, породилишта, клиники. Повеќе од 150 луѓе од Азовстал и повеќе од 300 луѓе од Мариупол и неговите предградија, кои беа евакуирани од хуманитарниот коридор оваа недела, веќе ја добиваат сета помош што им е потребна“, нагласи Зеленски.
„Не се сеќавам кој ден од војната е, а луѓето умираат, некои од куршуми, од глад. Ранетите умираат од недостаток на лекови и ужасни услови. Немаме време и не знам дали имаме утре“, вели лекар од Азовстал.
Американските медиуми објавија дека САД обезбедиле разузнавачки информации што и помогнале на украинската војска да го потопи рускиот брод „Москва“. Според руското министерство за одбрана, пак, бродот потонал откако пожар предизвикал експлозија на муницијата.
Марина Ристова
