Протест без барања!

09.04.2014 17:06

Македонската телевизија е изненадена од протестот на стечајците, пред сè поради фактот што тие претходно до неа никогаш не доставиле конкретно барање, список или некаков регистар на луѓе преку кои Јавниот сервис ќе може да провери каква е нивната состојба, колкав е долгот, за која категорија граѓани станува збор, колкав е нивниот број, што всушност бараат од МРТВ...

Група стечајци протестираа пред МРТ. Се решиле на овој чекор за да се најде решение за, како што велат, блокираните сметки поради радиодифузната такса и да се пролонгира долгот кон МРТВ. Ова стои и во известувањето што до Јавниот сервис го достави предводничката на денешниот протест Лилјана Георгиевска...  

Македонската телевизија е изненадена од протестот на стечајците, пред сè поради фактот што тие претходно до неа никогаш не доставиле конкретно барање, список или некаков регистар на луѓе преку кои Јавниот сервис ќе може да провери каква е нивната состојба, колкав е долгот, за која категорија граѓани станува збор, колкав е нивниот број, што всушност бараат од МРТВ. Наместо ова, доставено е само известување за протест, со што националниот сервис е ставен пред свршен чин. Овие недоследности ја наметнуваат основната дилема:  Дали Георгиевска на протестот настапува како водач на стечајците или како некој, што, од други причини и мотиви, решил да упати политичка порака на погрешна адреса.

„Нека ги чека социјален немир. Нека поминат изборите, и ако тие останат на власт, верувајте дека ќе има социјални немири. Ова слободно можам да го кажам“,  изјави Лилјана Георгиевска, лидер на стечајците од УНИТ.

Ставот на Македонската радио-телевизија е следен:

Прво, според Законот, секое семејно домаќинство, хотели и мотели, трговци поединци или правни лица законски се обврзани да плаќаат РДТ.

Второ, протестот на Георгиевска е на сосема погрешно место. Работите во врска со пресметувањето, утврдувањето и наплатата на средствата од РДТ, во име на МРТ, ги врши Управата за јавни приходи. РДТ е дефинирана како јавна давачка, од која се финансираат не само МРТ туку и ЈП МРД и Агенцијата за аудио и аудиовозуелни медиумски услуги.

Трето, законот за радиодифузна дејност е донесен во 2005-та година. Од оваа давачка се ослободени лицата со оштетување на видот од над 90 проценти, лицата со оштетен слухот од над 60 децибели или лица со 90 проценти телесна инвалидност.